Резултатите од истражувањето на Државниот завод за статистика и УНИЦЕФ спроведено во 2018-2019 година според кое едвај 45 проценти од децата во второ и трето одделение имаат основни вештини за читање се поразителни.
Истражувањето покажа и дека исто толкав процент од второ и трето оделенците можат правилно да прочитаат 90 проценти од зборовите во расказот, да одговорат на три прашања за буквални значења и две прашања за изведени значења.
Сето ова е алармантно и е последица на повеќедецениски проблеми за она што се случува со македонскиот образовен систем, смета професорот Барбареев.
- Станува збор за концепциски недостаток на поврзување на предучилишно, основно и средно образование. Станува збор за премногу бавни промени на наставни програми од 2007 и 2013, имаме гимназиско образование кое не е реформирано од 2001 година. Има многу недостатоци во материјалите за учење, мотивираноста на кадарот, професионалниот развој. Системот на образование на наставници. Нашите ученици поминуваат 900 часа помалку време во училиште во споредба со други земји во OECD во период од 7 до 14 година- проф. д-р Кирил Барбареев, Факултет за образовни науки Универзитет „Гоце Делчев“ Штип.
Стари се податоците на Заводот за статистика. Вака министерот за образование и наука Јетон Шаќири се обиде да ги релативизира поразителните резултати кои ги покажа истражувањето.
- Анализата се однесуваше на 2018- 2019 та, но имам дадено насока да се анализира добро таа анализа. Сите ние што сме во образовниот процес да го имаме ова како почеток за подобри резултати. Тоа е завршена анализа, ние можеме само да дадеме придонес за подобрување на таа анализа, да гледаме со новиот концепт, со новите процеси на учење да видиме што можеме да придонесеме за таа анализа. Таа почнува според податоците, во тој период не сме имале и онлајн настава. За мене е важно во овој период и во неколку наврати имам кажано каква ќе биде анализата во 2022 година- Јетон Шаќири, министер за образование и наука.
Во исто време 68 проценти од децата на оваа возраст успеале правилно да ги прочитаат зборовите, но само половина од нив точно одговориле на прашањата за изведени значења. Загрижувачка е состојбата со математичките проблеми.
Само 26 проценти од децата во второ и трето одделение имаат основни вештини со броеви – читање и разликување броеви, собирање и препознавање и дополнување на шеми.
- Променети се визиите на луѓето и единствено кое пребавно се менува е образовниот систем и заради тоа ние всушност создаваме нешто кое е нефункционално за реалноста, за она кое нас ни е потребно – учењето – проф. д-р Кирил Барбареев, Факултет за образовни науки Универзитет „Гоце Делчев“ Штип.
60 проценти од децата на возраст меѓу 7 и 14 години имаат три или повеќе книги за читање дома, со значителни разлики помеѓу децата од најбогатите и најсиромашните квинтили – 96 проценти во споредба со 18 проценти.
Нина Стефанова