Постои можност Мелинда Френч Гејтс да го смени пристапот кон добротворни цели по разводот или пак одлучила повеќе да се фокусира на други добротворни организации.
Имено, „Волстрит журнал“ пишува дека таа одлучила поголемиот дел од своето богатство, проценето на 11,4 милијарди долари, да не го дава на фондацијата Бил и Мелинда Гејтс. Наместо тоа, таа има намера да го донира на други добротворни организации, иако би можела да продолжи да донира пари за фондацијата.
По разводот, Бил Гејтс и Мелинда најавија двегодишен пробен период во кој заедно ќе раководат со фондацијата. Извршниот директор Марк Сузман рече дека тоа е план „кој треба да обезбеди континуитет на работата на фондацијата“. Доколку Бил и Мелинда решат да ја прекинат соработката по пробниот период, Бил Гејтс ќе остане на чело на фондацијата, пишува Си-Ен-Ен.
Фондацијата Гејтс е една од најголемите во светот, со фонд од повеќе од 50 милијарди долари. Таа беше вклучена во различни иницијативи во последните две децении; како што се родовата еднаквост, намалувањето на сиромаштијата и воведувањето на вакцината против Ковид-19 на глобално ниво. Двојката одлучи да и даде на фондацијата дополнителни 15 милијарди долари во јули.