Американскиот претседател Џо Бајден очекува Владимир Путин да направи некаков потег во Украина, но и дека не посакува отворена војна. Бајден оцени дека Путин самиот се довел во позиција во која мора да донесе некаква одлука и го предупреди дека ќе плати висока цена доколку се обиде да го тестира единството на западот. Американскиот претседател изрази загриженост дека ситуацијата може да излезе од контрола.
„Се надевам дека Владимир Путина разбира дека, освен при отворена нуклеарна војна, не е во многу добра позиција да доминира со светот. Исто така мислам дека му е јасно тоа, но сепак постои загриженост и токму поради тоа мораме да бидеме многу внимателни како ќе продолжиме, и да му ставиме до знаење дека постои цена која за неговата држава ќе биде многу висока.“ – изјави Џо Бајден – Претседател на САД.
САД со недели предупредуваат дека Москва се подготвува да ја нападне Украина откако Русија распореди 100.000-на илјади војници во близина на границата. Москва жестоко ги отфрла обвинувањата и на минатонеделните разговори во Женева испорача низа барања до САД и НАТО сојузниците, меѓу кои гаранции дека Украина никогаш нема да му се приклучи на НАТО и одбранбените активности на алијансата да бидат ограничени само на земјите членки. Средбите не вродија со плод затоа што западот за многу од барањата не сака воопшто да преговара.
„Објаснивме дека не можеме да прифатиме никакви барања во врска со дејствувањето на нашите вооружени сили на наша територија. Уште повеќе, забележавме дека додека ваквите барања беа доставени до нас, како што кажаа американските претставници „да ги вратиме војниците во касарните“, во исто време НАТО членките тврдат дека тоа што се случува на територијата на НАТО, распоредување војници, вклучувајќи и војници кои пристигнуваат во Европа од преку океанот, дека тоа не треба да засега никој друг, освен НАТО земјите. Двојните стандарди се очигледни.“ – рече Сергеј Лавров – Министер за надворешни работи на Русија.
Многу од експертите за безбедност во руските барања и предлози видоа обид на Москва да создаде раскол кај западните сојузници, особено на релација НАТО-ЕУ-САД, затоа што 21 од членките на НАТО се дел и од Европската унија. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг соопшти дека алијансата го финализира својот сет на предлози и се надева дека ќе организира серија средби со претставници на Русија за пронаоѓање на одржливо решение. Францускиот претседател Емануел Макрон вчера изјави дека и унијата мора да излезе со свои предлози.
„Следните неколку недели треба да доведат до европски предлози за градење на нов пакт за безбедност и стабилност. Прво мораме да го изградиме меѓу Европјаните, пред да го споделиме со нашите НАТО сојузници и потоа да го понудиме за преговори со Русија.“ – истакна Емануел Макрон – Претседател на Франција.
Деновиве во Европа е и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој денеска во Париз ќе се состане со министрите за надворешни работи на Франција, Германија и Велика Британија, пред утрешната средба во Женева со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Игор Трајков