Вести Свет

Со денови не можат да ги добијат семејствата и пријателите поради прекинот на комуникација на островот Тонга

Жителите на Тонга кои живеат во странство се соочуваат со нервозно чекање за вести за најблиските откако вулканот предизвика цунами.

Вулканот Хунга Тонга-Хунга Хаапаи еруптираше во саботата, на околу 65 километри северно од главниот град Нукуалофа.

Ерупцијата, која се слушна дури во САД, предизвика бранови повисоки од еден метар да удрат во Тонга.

Сè уште нема потврдени смртни случаи, но комуникацијата е прекината што го отежнува утврдувањето на обемот на уништувањето.

Пријателите и семејството на Британката Анџела Гловер велат дека таа е исчезната. Во објавите на социјалните мрежи велат дека била однесена од брановите.

На повеќе од 10.000 километри оддалеченост, две лица се удавија на плажа во северниот дел на Перу поради високи бранови.

И Нов Зеланд и Австралија испратија летови за надзор за да дознаат повеќе, при што Нов Зеланд рече дека имало „значителна штета“ долж западниот брег на Тонгатапу, главниот остров во Тонга.

Интернетот и телефонските комуникации во Тонга се ограничени, а оддалечените крајбрежни области остануваат отсечени.

Тонганците кои живеат во странство, два дена не можат да разговараат со семејството и пријателите.

Петилис Туима во изјава за австралиските медиуми вели дека дека последен пат разговарала со своето семејство во саботата попладне кога тие бегале на повисоките места.

„Сите меѓусебно се јавуваат во нашите тонгански групи, сакајќи да видат дали некој собрал или слушнал нешто… Ние сме само очајни“, рече таа.

Ресортот на плажата Хаатафу на Тонгатапу беше „целосно збришан“ и „целосно уништено западното крајбрежје“, се вели во објавата на Фејсбук страницата на одморалиштето.

Во објавата се вели дека оние што живеат таму „штотуку успеале да дојдат на безбедно трчајќи низ грмушките и избегале“ и „не биле во можност да спасат ништо“.

Новинарката Барбара Дривер, напиша на Фејсбук дека ќе бидат потребни „најмалку две недели пред повторно да работат меѓународните телефони и интернетот“, поради штетата нанесена на критичниот подморски кабел како резултат на вулканската ерупција.

Црвениот крст изјави дека дури и сателитските телефони, користени од многу хуманитарни агенции, имале лоша услуга поради ефектите од облакот од пепел. Организацијата проценува дека до 80.000 луѓе можеби биле погодени од цунамито.

Прашината од вулканот може да ги загади резервите на вода, а локалните жители се советуваат да пијат флаширана вода и да носат маски.

Некои официјални лица изразија загриженост за напорите за помош што резултираа со ширење на Ковид во земјата, која го забележа својот прв случај во октомври.

„Не сакаме да донесеме уште еден бран – цунами на „Ковид-19“, изјави за Ројтерс заменик-шефот на мисијата на Тонга во Австралија, Кертис Туихалангинге.

Тонга се состои од 170 острови расфрлани на околу 700.000 квадратни километри. Во Тонга живеат околу 100.000 луѓе, од кои најголемиот дел на островот Тонгатапу.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пакистан ја обвини Индија за ракетни напади врз воени бази

Дејан Дејан

Ким Џонг-ун: Учеството на Северна Кореја во војната во Украина е оправдано

Дејан Дејан

Обинителство отвори истрага против пет лица за убиството во Штип

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе