Ковид19 Македонија Топ вести

Топ Тема – Како Македонија најдобро да се справи со новиот бран на пандемијата ?

Драстичното зголемување на бројот на заболени во Македонија со Омикрон варијантата на Ковид-19 вирусот деновиве е во фокусот на јавноста.

Очекуваното сценарио на ширење на вирусот по новогодишните и божикните прослави вечерва се разгледува во Топ Тема.

Инфектологот Д-р Фадил Цана, оцени дека бројките се очекувани, како што беа и најавите од СЗО, дека Омикрон се шири брзо низ З. Европа и Балканот а тоа се случува и кај нас и следните 2-4 недели се очекува уште поголем број заразени. Според него, во нашата држава постојано во текот на пандемијата се носат пост фестум мерки а особено во сегашната ситуација кога новиот министер за здравство се уште не ја презел функцијата, системот реагира бавно.

Тој оцени дека добрата вест со Омикрон варијантата е дека сепак станува збор за вирусно заболување кое предизвикува поблага клиничка слика.

Д-р Злате Мехмедовиќ посочи дека веќе е предоцна да се размислува за некакви рестриктивни мерки, тоа требало да се направи пред да пристигне Омикрон во државата. Тој предвидува дека бројките понатаму ќе растат. Хоспитализациите се зголемени за 41% во однос на претходната недела, изјави Мехмедовиќ а ние сме во првата недела од новот бран кој се очекува да трае и во наредните 6 до 8 недели. Иако станува збор за варијанта со поблаги симптоми, Мехмедовиќ посочи дека нашите здравствени капацитети не се неограничени, туку станува збор за максимум 1000 кревети во болничкиот  систем со ковид центрите а  тоа може да биде проблем.

Д-р Миралем Јукиќ од здружението на лекари специјализанти, оцени дека треба да се направи национална стратегија како да се искористи оваа ситуација кога имаме вирус кој предизвикува доста полесна слика, исклучително ретко дава потешки симптоми. Според него, заразени со Омикрон сојот има и меѓу вакцинираните граѓани и оние кои веќе го прележале вирусот. Јукиќ оцени дека нашата крајна цел треба да е да се спремиме да имаме колективен ефикасен имунитет. Бидејќи ефикасноста на вакцините паѓа, можеби треба да се размисли за намалување на рестрикциите, бидејќи со оваа варијанта која докажано предизвикува полесни симптоми имаме шанса да постигнеме колективен имунитет преку прележување. Но, со оглед на фактот дека тоа би значело поголем број заразени лица и притисок врз примарното здравство и матичните лекари, можеби треба да се размислува здравствените домови да имаат основни тријажни центри за третман на заразените. Клучно е според него да се зајакне системот на примарното здравство.

Матичниот лекар Ненад Лазаров, предупреди дека цело време во текот на пандемијата, во тешка состојба се и лекарите од матичното здравство. Според него изминативе денови кулминира незадоволството кај матичните лекари, бидејќи голем дел од нив масовно добиваат казни ретроактивно за 2019-та , 2020-та година и 2021-ва година.

Ако претходно, со варијантите Алфа и Делта секундарното здравство беше под притисок, сега имаме огромен наплив во нашите ординации, изјави Лазаров. Тој информираше дека во изминатите денови драстично е зголемен број на позитивни тестови, ретко се гледаат негативни тестови. Дополнително тој оцени и дека има и случаи на луѓе кои прават брзи антигенски тестови , па не се изолираат.

Лазаров предупреди дека од пред празниците секојдевно треба да се гледаат 50-тина пациенти, дека секојдневно има нови болни а на сметка на оптовареноста со пандемијата, страдаат хронично болните луѓе со други заболувања. Според него, во просек во моментов се чека од 7 до 10 дена за ПЦР тестови во јавниот здравствен систем а голем број луѓе и не можат да си дозволат финансиски да ги користат услугите на приватните ординации.

Невозможно е телефонски да искомуницираме 100-тина пациенти дневно изјави Лазаров, плус оние луѓе кои треба да ги прегледаме во ординациите.

Матичните лекари се физички и психички преоптоварени, вели Лазаров, додавајќи дека секојдневно се зголемува и ризикот да се зарази персоналот.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Скопје и Скопскиот регион зафатени со врнежи од дожд и засилен западен ветер

Дејан Дејан

Муцунски: Македонија ја подржува иницијативата за формирање на воен суд во Украина

Дејан Дејан

Да не му тропнат истражители на врата на Али Ахмети, со Таравари ќе пие кафе за разделба, Мицкоски со пораки за двајцата партиски лидери од спротивната страна на власта

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе