За најдоцна десет дена, новиот мандатар ќе го предложи владиниот состав. Ковачевски не сака да открива детали. Кусо вели дека процесот на екипирање на новиот владин кабинет се` уште трае согласно роковите, и се одвива во духот на договорените програмски определби и преземени одговорности од страна на сите коалициони партнери.Ништо повеќе детали не откриваат ниту од партијата.
Собраниската седница за гласање на составот и програмата за работа на новата влада се очекува да се одржи кон средината на месецот.Спикерот Талат Џафери најави дека тоа ќе се случи во целосно дигитализираната пленарна сала, најверојатно на 15 и 16 јануари. Веќе на 17-ти изутрина, новите министри би ги преземале функциите во министерствата.
Според претходно формираното мнозинство, новите владини политики ќе добијат поддршка од 64 пратеници.
Се очекува во новиот состав да има нови вицепремиери за евроинтеграции и за борба со корупцијата. Нови министри ќе добијат здравство, култура, одбрана, образование, труд и социјала, информатичко општество, земјоделство, а најверојатно и транспорт и врски. Рокади ќе има и со заменичките места.
Пред новата влада стојат предизвиците за менаџирање на енергетската криза, пандемијата, евроинтеграциите и преговорите со Бугарија.
Далиборка Дамјанска Цветановска