Празничната сабота вчера донесе затворени маркети. Тоа беше првиот резултат на новите правила од законските измени кои пред се се однесуваат на недела како неработен ден и ден за одмор. Вчера празнично работеа главно само маркетите за храна во трговските центри и моловите додека останатите маркети на големите трговски синџири не функционираа.
Првата недела во 2022-ра година значи примена на новите измени од законот за работни односи според кои ќе смее да се работи само во оние дејности во кои работниот процес не запира, додека во останатите дејности нема да смее да се работи, а неделата ќе биде слободен ден за работниците.
Покрај тоа, за сите кои што ќе работат ќе следува дневница од минимум 50 % плус на редовната дневница. Според проценките на синдикатите околу 92 % од работниците се опфатени со новите измени, додека 8% работат во оние работни процеси кои не запираат.
Државниот инспекторат за труд (ДИТ) најави дека од денеска ќе воспостави дежурства во недела по региони на кои работниците можат да пријават доколку им се прекршени правата во врска со работата во недела.
Од Инспекторатот посочуваат дека пред започнување со работа во недела, работодавачите се должни да го известат Државниот инспекторат на труд на пропишан образец-известување за вршење работа во недела кој може да се најде на интернет-страницата на Државниот инспекторат за труд.
„Ги охрабруваме сите работници на кои ќе им бидат прекршени нивните права во врска со работата во недела, спротивно на законските прописи, да пријават во Државниот инспекторат за труд“, соопштија од Инспекторатот.
Пријавувањето може да го направат на интернет-страницата на ДИТ анонимно или како пријава од познат подносител, со поднесување на пријава во архивите на подрачните одделенија и во централата на ДИТ, преку кол-центарот повикувајќи го бројот 15131 и во недела почнувајќи од 2 јануари 2022 година од 8.30 до 16.30 часот на дежурните инспектори по региони.
„Со ова известување Државниот инспекторат за труд сака уште еднаш да нагласи дека при инспекциските надзори приоритет ќе биде доследната примена на овие законски норми, а со цел заштита на правата на работниците“, потенцира Трудовиот инспекторат.