Во интервјуто за Топ Тема на Телма, Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека мерките за сузбивање на пандемијата се носеле врз основа на политички потреби на власта.
-До завчера беа вакви мерки, до вчера беа такви мерки, кога беа изборите олабавуваа се, летово се калкулираше со семејни веселби, свадби. Јас навистина не знам, како граѓанин на Македонија, овие мерки кои политикологот Караџовски заедно со Венко Филипче ги соопштуваат на граѓаните, навистина не може да ги сфатам сериозно. Затоа што се менуваат и моделираат како пластелин во зависност од потребите на политичарите на власта, истакна Мицкоски на Телма.
На прашањето дека вакви мерки (како денешниот предлог за задолжителен негативен тест или сертификат за вакцинација) се применуваат секаде, особено во здравство и дека сите устави се слични по ограничувањата на правата, Мицкоски кој е и универзитетски професор посочи дека уставот секому му дава право на избор и секој има право да избере дали ќе се вакцинира или ќе ја прележи болеста,
-Уставно право е правото на избор на граѓаните. Јас сум решил да се имунизирам преку тоа што сум се вакцинирал, некој ќе реши „нема да се имунизирам така, ќе одлучам да го прележам тој вирус и нема да се вакцинирам“. Тоа е право на избор, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју на Топ Тема на ТВ Телма.