Алтернатива засега е во опозиција, а дали тоа ќе се смени по средбата на Гаши со Заев, партиските органи ќе одлучуваат следната недела, вели за Телма пратеникот Зекирија Ибрахими.
Прифаќањето на понудата на Заев да се сретнат, за сопартијците на Гаши не е вест, затоа што велат дека, двајцата лидери и досега се среќавале. Тврдат и дека, времето и местото на новата средба се` уште не е утврдено и ќе зависи од агендата на Гаши.
Во вторник треба да се одржи состанок на Централното претседателство на партијата, а потоа одлуката што ќе биде донесена во тој партиски состав ќе треба да помине и на партиското Собрание, кое е највисоко тело на Алтернатива.
Ибрахими негира дека пратеничката група е разединета и дека едни бараат да се влезе во владата, а други засега да се остане во опозиција. Вели дека тоа единство го докажале на собраниската седница за гласање на доверба на владата, а така и ќе продолжат.
За случувањата околу Кастриот Реџепи од БЕСА и неговите изјави, Ибраими вели дека тој човек не треба да се сфаќа сериозно. Реџепи вчера изјави дека БЕСА се се` уште дел од владата, а тоа денеска го потврди и премиерот.
Рече дека, Собранието ја нема констатирано оставката на министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа, ниту, пак, на другите раководни лица од БЕСА, затоа е и логично да се каже дека се дел од владата.
Од БЕСА деновиве се недостапни за медиумите.
Далиборка Демјанска Цветановска