Не мислам дека ние треба да преземеме активности за делување во Бугарија, вели премиерот Заев. Ако сакаме да сме eвропејци треба да ги решаваме проблемите на европски начини, со почитување на соседите. Заев вели дека сторил се за да го заштитам македонскиот идентитет и е горд на тоа.
Предходно Македонските организации во Бугарија издадоа Декларација во која ја осудуваат, како што наведуваат, континуираната политика на негирање, дискриминација и асимилација водена официјално против Македонците во Бугарија.
„Ја осудуваме политиката водена од Република Бугарија против Република Македонија, поставувањето на иритирачки услови пред нејзиното членство во ЕУ, а имено да се откаже од идентитетот на македонската нација, јазикот, историјата и да се одрече од македонското малцинство во Бугарија“, се наведува во Декларацијата.
Во неа се наведува дека претставниците на македонските организации во Бугарија се загрижени од ситуацијата во која се наоѓа македонското малцинство во Бугарија и односите меѓу Бугарија и Македонија. Тие се убедени дека барањата на Бугарија нема да успеат, но, како што велат, произведуваат омраза.
Тие ја осудуваат и медиумската кампања за всадување омраза против Македонците, која се води од повеќето медиуми во Бугарија. Го осудуваат начинот на кој беше спроведен последниот попис во Бугарија, со мноштво нарушувања на правото на самоопределување и пречки пред Македонците да можат да ја изјават својата народност. А осудуваат и, како што наведуваат, пасивноста на македонските влади во последните три децении. Бараат од ЕУ да не дозволи да се злоупотребуваат членството и правото на вето и да стави крај на политиките на негирање на македонското малцинство во Бугарија.