Нов предизборен предизвик. Откако лидерот на ДУИ Али Ахмети вчера од Чаир порача дека следниот чекор е Албанец да биде Претседател на државата, Премиерот Заев вели дека сака да го дочека тој момент кога сите граѓани ќе бидат подготвени да гласаат за личност од друга етничка заедница. ВМРО ДПМНЕ апелира до граѓаните на наседнувата на вакви трикови.
Премиерот Заев нема ништо против Албанец да биде Претседател на Македонија. Вели дека ќе го чека моментот кога сите граѓани ќе бидат подготвени да гласаат за него.
- Ќе го чекам моментот кога граѓаните и Македонци, Албанци, Срби, Власи и Турци ќе бидат подготвени да изберат граѓанин кој не е Македонец. Ова е наша заедничка земја, овде сите сме родени, татковците и дедовците ни се родени, а тука ќе ни биде и заедничката иднина, рече Заев во одговор на новинарско прашање за тврдењата на лидерот на ДУИ Али Ахмети дека следно што ќе исполни оваа партија ќе биде избор на Албанец за претседател на државата.
Идејата за Албанец Претседтаел ја најави синоќа на партиски митинг во Чаир, лидерот на ДУИ Али Ахмети.
„После министер за одбрана Албанец, после министер за надворешни работи Албанец, после Претседател на Собрание Албанец, на следните парламентарни избори последните 100 дена влегуваме со Премиер Албанец. Наредно е претседател на држава да биде Албанец“, рече Ахмети.
Од ВМРО ДПМНЕ апелираат граѓаните да не наседнуваат на овие ветувања и да не им веруваат на Заев и Ахмети.
ВМРО ДПМНЕ: Господинот Ахмети треба да одговори дали ова барање за Претседател Албанец е дел од неговата зелена агенда. Досега видовме вакви трикови од нивната националистичка лепеза која служи за избори, а потоа има намена да создаде завеса за криминалните тендери кои со Заев ги делат.
Партиите од албанската опозиција сметаат дека се работи за предизборен маркетинг а идејата на Ахмети нема да се оствари како што не се оствари ниту за премиер Албанец.
Јулијана Пешевска