- Новата сезона Драмскиот театар ја започна со стар проблем. Поради врнежите од дожд повторно протече кровот на театарот, на сцената на неколку места и покрај тоа што беше поправен 2018 година.
Кофи и крпи на сцената и флека на плафонот од водата што течела од аголот. До кабината на инспицинетот дупка во плафонот од која протекувал дождот меѓу електричната инсталација и повторно кофи и крпи за собирање вода. Траги од влага над местото за суфлерот и зад него по работ на ѕидот меѓу инсталацијата. Излупен плафонот од влага во гримиорните. Ова е тажната слика во Драмскиот театар три години откако кровот беше саниран со сретстава од Министерството за култура. Поради небезбедните услови за работа вчера беше откажана изведбата на претставата „ Мојот маж“ , на режисерката Нела Витошевиќ, но и останатите изведби и пробите за новите проекти. Актерите не сакаа да зборуваат во камера, но велат дека се плашат нешто да не им падне на глава и дека кровот бил делумно поправен за време на директорскиот мандат на Сашо Тасевски. А, тој со спротивен став.
Се поправаше целиот кров. При тоа се посвети особено внимание на делот над сцената зашто таму се електричните инсталации, а претходно кога врнеше моравме да откажуваме претстави. И во театарот и во Министерството за култура е приложена целата документација околу поправката на кровот. За тендерот од министерството тогаш рекоа дека е еден од најкомплетните спроведени, изјави Сашо Тасевски –актер и поранешен директор на Драмски театар
По празникот, увид во документите за поправката на кровот ќе прави актуелната директорка Катерина Коцевска Хаџи- Василева. Таа ни кажа и дека ќе бара инспекција во театарот. Старо- новиот проблем во Драмски , го следат и од Министерството за култура.
Очекуваме од дирекцијата на театарот да добиеме информација по целосниот увид на состојбата со кровот и на комплетната документација од последната санација на кровот во 2018 година, за што беа издвоени 54 000 евра, соопштија од Министерство за култура
Низ децениите објектот на Драмски повеќепати бил поправан во делови. Последно е замената на стакла во фоајето, поправените тоалети за публиката и новата библиотека. Обиди за изградба на нов објект имаше од претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, кога беа најавени неколку проекти за изградба со приватно, па јавно – приватно партнерство и на крајот дека ќе го гради државата. Се менуваа и сумите- 6, па 12 милиони евра. Но, театарот сеуште работи во монтажната барака од 1965 година, добиена од Британската амбасада по Скопскиот земјотрес.
Сотир Трајков