4-ца Камерунци во рок од 5 дена преку скопскиот аеродром во два наврати се обиделе да внесат лажни банкноти евра. Интересно е што и во двете полициски сооштенија за ваков шверц, камерунците имаат иста возраст и исти иницијали, но и други идентични податоци.
По објавениот текст на веб сајтот на Телма, од МВР дадоа дополнителни детали со кои објаснуваат дека станува збор за исти осомничени, кои првпат не биле пуштени да влезат во државата туку останале 4 дена во транзитната зона на скопскиот аеродром. Целата исправка е на крајот на текстот.
Полицијата извести дека вчера се уапсени Т.Р.Ф.(36) и М.Б.С.(40) и двајцата од Камерун во обид да внесат лажни евра во висина од околу 902 илјади евра, во над 9.200 различни лажни банкноти со различни апоени.
Во полицискиот билтен од 4-ти октомври пак стои дека „во 00.10 часот на Граничниот премин – Меѓународен аеродром Скопје, при пасошка контрола и проверка кај лицата М.Б.С.(40) од Камерун, со француска патна исправа и Р.Ф.(36) од Камерун, со дозвола за престој во Луксембург“ се најдени „хартија во форма на банкноти со идентичен принт на пари во апоени од по 50, 100, 200 и 500 евра и две шишиња со непозната течност“.
Тогаш,ноќта недела на понеделник (03/04. Октомври) камерунците биле пуштени, а камерунци со ист опис на скопскиот аеродром се појавуваат 4 дена подоцна (вчера) кога се уапсени.
МВР соопшти што е најдено во багажот на двајцата камерунци, но нема објаснување дали станува збор за иста двојка која двапати го повторува истото дело.
Во објаснувањето на делото извршено вчера стои дека се најдени и „1 француска лична карта на име К.В.С. и 1 камерунска патна исправа на име С.И.Ф. за кои нема податоци дека се вистинити.“
Во билтенот пак од 4-ти октомври стои дека кај двајцата камерунци покрај лажни банкноти се најдени и „една француска лична карта и камерунска патна исправа на име на други лица“.
Уште една идентична информација се повторува во двете известувања на МВР, а тоа е дека и вчера и на 4-ти октомври кај лицата од Камерун се најдени „две шишиња со непозната течност“.
Еве го полициското соопштение од вчера:
На 08.10.2021 полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал (ОСОСК) во содејство со Одделот за гранични работи и миграции на Граничен премин „Меѓународен Аеродром“ – Скопје, при влез во државата, ги лишија од слобода Т.Р.Ф.(36) и М.Б.С.(40), двајцата од Камерун, поради постоење на основи на сомнение за сторени кривични дела „Правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување “.
Имено, при пасошка контрола на пријавените, кои допатувале од Милано, извршена им била дополнителна гранична контрола и при преглед на багажот, кај Т.Р.Ф. биле пронајдени 2.591 исечени парчиња хартија на кои од двете страни е отпечатен дел од дизајнот на банкноти од 50 евра, 2.363 такви парчиња со отпечатен дел од дизајнот на банкноти од 100 евра, 463 парчиња со дел од дизајнот на банкноти од 200 евра, 213 со дизајн на банкноти од 500 евра, 2 исечени парчиња хартија на кои од едната страна е отпечатен во повеќе бои дел од дизајнот на банкноти од 50 евра, 78 исечени парчиња хартија без никаква ознака, како и две шишиња со течност и УВ-ламба.
При преглед на багажот кај М.Б.С. пронајдени се 2.072 исечени парчиња хартија со црна позадина на кои од двете страни е отпечатен дел од дизајнот на банкноти од 50 евра, 1.321 такви парчиња со отпечатен дел од дизајнот на банкноти од 100 евра, 247 со отпечатен дел од дизајнот на банкноти од 200 евра, 104 со дизајн на банкноти од 500 евра, како и 1 француска лична карта на име К.В.С. и 1 камерунска патна исправа на име С.И.Ф. за кои нема податоци дека се вистинити.
Пронајдените предмети се одземени и предадени на вештачење во Народна банка и Одделот за за криминалистичко – технички испитувања и вештачења при МВР, при што било утврдено дека примероците се имитации на евро банкноти со различна апоенска вредност, кои се изработени со користење на професионална опрема. Исто така, од извршената експертиза од страна на Народната банка е констатирано е дека тие претставуваат примероци во рана фаза од изработката на фалсификувани евро банкноти со апоенска вредност од 50, 100, 200 и 500 евра.
Поради тоа што кривично-пријавените предметите неовластено ги поседувале со намера истите да ги внесат на територијата на нашата држава за да се искористат за правење на лажни пари во вкупна вредност од 902.150 евра, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО Скопје , поднесе кривична пријава против двете лица поради постоење на основи на сомнение за сторени кривични дела „Правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување“ по чл.271 ст. 2 од Кривичниот законик.
Ова е соопштението во билтенот на МВР од понеделникот, 4-ти октомври:
-Денеска (04.10.2021) во 00.10 часот на Граничниот премин – Меѓународен аеродром Скопје, при пасошка контрола и проверка кај лицата М.Б.С.(40) од Камерун, со француска патна исправа и Р.Ф.(36) од Камерун, со дозвола за престој во Луксембург, полициски службеници во нивниот личен багаж пронашле една француска лична карта и камерунска патна исправа на име на други лица, како и хартија во форма на банкноти со идентичен принт на пари во апоени од по 50, 100, 200 и 500 евра и две шишиња со непозната течност. Предметите им биле одземени, а на лицата не им бил дозволен влез во Република Северна Македонија.
Миомир Серафиновиќ
ИСПРАВКА: По објавениот текст на веб сајтот на Телма, од МВР дадоа дополнителни детали со кои објаснуваат дека станува збор за исти осомничени, кои првпат не биле пуштени да влезат во државата туку останале 4 дена во транзитната зона на скопскиот аеродром.
Двајцата камерунци пристигнале со лет од Милано на 4-ти октомври, а не вчера. Бидејќи немале влезни визи, граничната полиција ги проверила и во нивните куфери ги нашла лажните евра и други сомнителни предмети.
Предметите им биле одземени, а на нив не им бил дозволен влез во државата. Останале во транзитната зона на аеродромот, од каде или може да полетаат надвор од државата или да чекаат визи за влез.
Во меѓувреме, криминалистичката полицијата и Народната банка извршиле вештачење на лажните евра за кои е утврдено дека се фалсификувани.
Вчера Камерунците добиле македонски визи за влез и кога ја поминале границата на аеродромот веднаш биле уапсени по што им е поднесена и кривична пријава.
Инаку во денешното соопштение на МВР не беше наведено кога се откриени лажните евра и воопшто не беше спомнат престојот на осомничените во транзитната зона на Меѓународниот аеродром Скопје.