Зољи и ракетни фрлачи вчера се украдени од фабриката Еурокомпозит во Прилеп, дознава Телма. Украденото оружје претходно се извезувало по нарачка во Србија.
Слични информации спомнаа и работниците на Еурокомпозит кои по кражбата даваа изјави за медиумите пред фабриката која повеќе од две години не функционира. Тие наведоа дека украденото оружје се користи за уништување на оклопни возила. Се сомневаат дека овие кражби кои се случувале од 3-ти до 5-ти октомври ги прави раководството, затоа што обични граѓани ниту знаат каде се магацините ниту како да стигнат до нив.
Се работи за зграда во која е влезено на први и на трети спрат, токму таму каде што е оружјето.
Во фабриката се уште има оружје и муниција, има репроматеријали, има огромни штети направено, изјави Роберт Богданоски, вработен во Еурокомпозит.
Пред кражбата никој не ја чувал фабриката која е празна и е во државна сопственост, но откако дел од арсеналот е ограбен сега таму е поставена полициска заштита. Работниците на Еурокомпозит неколкупати штрајкуваа барајќи исплата на заостанати плати и придонеси.