Безбедно растојание, дезинфекција на раце, лична карта, отпечаток од прст, потпис на хартиениот избирачки список, па дури тогаш гласачко ливче во раце. На гласачките места ќе има по две кутии: една за градоначалник, друга за советници. Постапката на гласање не се разликува многу од претходните избори, освен во еден сегмент, отпечатокот од прст, кој кај нас ќе се употреби за првпат на избори.
Десниот показалец на апаратчето ќе ги активира податоците внесени претходно за гласачот и ќе покаже дали некој е во избирачкиот список, дали може да гласа или веќе гласал на друго место. Доколку некој има непрепознатлив отпечаток, ќе има уште две проверки. Личната карта се става во скенер и се чека да излезат податоците, а доколку и тоа не успее, се врши проверка преку матичниот број.
Уредите ќе стојат на маса пред сите избирачки одбори и тоа по еден на секое избирачко место. На секои 2 часа уредот ќе принта извештај за вкупниот број лица кои гласале на избирачкото место.
Претседателот на ДИК уверува дека, со утрешната последна пратка, ќе се обезбедат и повеќе од доволно апарати за сите избирачки места, ќе има 520 резервни апарати, како и план доколку некој се расипе или нема можност за напојување со електрична енергија.
Во врска со проблемите со струјата на 34 избирачки места, од ДИК тврдат дека дефектите ќе се отстранат, во спротивно ќе се користат УВ ламба и спрејови. Во текот на викендот ќе се наполнат апаратите, кои во петок ќе бидат разнесени по избирачките места.
Даштевски се надева дека со овие апарати ќе се надминат и постојаните проблеми со фантомските гласачи кои се појавуваат во избирачкиот список на секои избори.
Далиборка Дамјанска Цветановска