Македонија Најважни

Радев испорача долга листа барања, вклучувајќи го и пописот

Бугарија не попушта со ветото за Македонија. Ниту средбите на бугарскиот претседател Румен Радев и македонскиот премиер Зоран Заев денеска со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, но ни нивната средба со врвот на Европската унија, пртседателите на Европската комисија, Урсула фон Дер Лајен, на Европскиот Совет, Шарл Мишел и претседавачот – премиерот на Словенија, Јанез Јанша, на самитот ЕУ – Западен Балкна во Словенија, не ја премислија Бугарија.

Радев веднаш по средбите ги повтори бугарските барања без кои таа нема да ја крене рампата за земјава. Освен впишување на Бугарите во македонскиот устав, прифаќањето на историската вистина со Бугарија, запирање на говорот на омраза, Софија денеска на списокот го додаде и пописот. Таа ги чека бројките од попишани Бугари во Македонија, реферирајќи на 120.000 бугарски пасоши издадени на македонски граѓани.

Работиме на билатерален протокол, кој треба да се презентира и заврши некаде на почетокот од ноември. Мора да го анализираме овој протокол, да го потпишеме ако сме задоволни од резултатите. Мора да ги споредиме резултатите од протоколот со националната рамка усвоена од бугарскиот парламент. Потоа ќе треба да доставиме патоказ подготвен од страна на С.Македонија и она на што инсистираме се две гаранции – од билатерална страна, сакаме да видиме мал амандман во Уставот на С.Македонија, да ги вклучат Бугарите во тој суштински дел од народот кој ја формира оваа нација. Бугарите заслужуваат да имаат свое место кое ќе биде јасно пишано, потребен ни е и резултатот од пописот кој заврши во С.Македонија, потребно ни е признавање на историската вистина и ако сето ова е исполнето ќе ни треба гаранција од ЕУ дека ќе го вклучат патоказот во процесот на преговарање. Многу е едноставно, порача Радев.

Радев не застана на тоа, тој побара и ЕУ да го гарантира спроведување на протоколот и тоа во процесот на преговорите на земјава, конкретно во поглавјето 35.

На ова стигна одговор од македонскиот премиер Заев, според кого бугарскиот претседател не ги разбрал добро Меркел и Макрон.

Пораките од претседателот Макрон и канцеларката Меркел се јасни: За решенијата треба поглед напред кон иднината, а не копање кон минатото. Но, за жал, не сум сигурен дека претседателот Радев ја разбра таа порака. Чекорите и блокадите што Радев ги презема во името на Бугарија се навреда за македонските граѓани. Македонскиот народ со целата своја мирољубивост не може да ги оправда блокадите. Мојот народ мене ми даде мандат да создадам решенија, но не ми дал мандат да оправдам политики од минатиот век, изјави Заев.

Пораката пак која стигна од Европската унија е јасна, таа сака да види прогрес по решавање на историските и малцинските прашања со одговорно однесување на политичарите.

Подготвени сме да го понесеме нашиот дел од товарот поттикнувајќи ги и посредувајќи помеѓу двајцата лидери за да се однесуваат одговорно. Но, потребни ни се политички одлуки за овие земји да постигнат напредок, рече Мишел.

Но освен пораките за решавање на билатералните прашања, лидерите на земјите-членки денеска и со порака дека сакаат да го видат Западниот Балкан како дел од Унијата, но без прецизирање кога тоа би било. На давање конкретни датуми на земјите од Западен Балкан за членство се противи и германската канцеларка Ангела Меркел. Таа на брифинг за новинарите изразила наде дека проблемите околу блокадата за Македонија можат да се надминат, но без повеќе детали – како.

Од Европскиот совет и од Европската комисија пак беше повторено дека регионот има стратешка важност за Унијата и оти местото му е во Унијата, при што Фон дер Лајен рече дека нејзината комисија ќе продолжи да прави се што може Западниот Балкан да стане дела од ЕУ. На Самитот ЕУ – Западен Балкан беа договорени и 30 милијарди евра за регионот за спроведување на европските политки, екононски развој, поголемо поврзување со Унијата, но и за нејзина поголема видливост во регионот.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Обинителство отвори истрага против пет лица за убиството во Штип

Дејан Дејан

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Врзан за бандера бара правда и помош за настраданите во Кочани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе