Со отпечаток од показалец од десната рака на уредот започнува постапката на гласање на локалните избори. Зелен сигнал за оној кој гласа, жолт за несовпаѓање на отпечатоците од прсти, црвен доколку уредот алармира дека гласачот претходно гласал. ДИК го презентираше начинот на кој ќе се употребуваат терминалите за отпечатоци на прсти.
Со нив ќе управуваат претседателот и заменик претседателот на Избирачкиот одбор. На секои 2 часа уредот ќе принта извештај за вкупниот број лица кои гласале на избирачкото место.
Уредите работат на батерии и потребно е да се полнат во текот на денот. 34 избирачки места имаат проблеми со струјата и во тек се преговори со ЕВН да се отстранат сите дефекти за да може непречено да се одвива изборниот процес на 17 октомври. Доколку терминалот се расипе и не може да се замени со друг, избирачките одбори ќе имаат резервна варијанта, ќе користат УВ ламба и спрејови.
Кога гласањето ќе заврши уредот за натамошна идентификација се деактивира, по што тој нема да може повторно да се активира. ДИК не очекува метеж на гласачките места поради фактот што за прв пат на избори се употребуваат апарати за отпечатоци на прсти.
Јулијана Пешевска