Новак Ѓоковиќ го освои Вимблдон по шести пат во својата кариера и се израмни со Роџер Федерер и Рафаел Надал со по 20 грен слем трофеи. Светскиот рекет број 1 попладнево на „Ол Ингланд клубот“ го совлада дебитантот во големите финалиња Матео Беретини со 3-1 во сетови.
Србинот во првиот сет иако имаше водство од 4-1, сепак Беретини го освои во тај-брејкот. Во вториот и третиот сет, Ѓоковиќ се врати со по 6-4, а во четвртиот славеше со 6-3 откако ја освои третата меч топка и тоа на сервис на противникот.
Светскиот рекет број 1 годинава ги освои првите три грен слем турнири, Австралија опен, Ролан Гарос и сега Вимблдон. Тој сега е петтиот тенисер во историјата и само вториот во Опен ерата по Род Лејвер во 1969 година, што ги освоил првите три големи турнири во сезоната.
За Ѓоковиќ следниот предизвик е да стигне до така наречениот „Голден слем“, односно да ги освои сите четири грен слем трофеи во една календарска година и плус да се закити со злато на Олимписките игри. Само на една личност и успеал ваков потфат во историјата на тенисот, а тоа е Штефи Граф во 1988 година.