Вести Свет

Се урна надвозник на метро, над 20 загинати, меѓу нив и деца

Метрото што сообраќа на линија 12 во Мексико Сити синоќа не се врати во својата база. Неговиот пат беше прекинат кога надвозникот низ кој минуваше попушти и се урна. Два од вагоните од метрото паднаа врз автомобилите кои забрзано сообраќаа на улицата под него. Силен тресок, а потоа и облак од прашина го покри градот. Шокот ги задуши врисоците, сведочат луѓето во близина. Потрчале да спасуваат, но не знаеле од каде да почнат. Брзо пристигнаа и спасувачките екипи. Извлекоа 23 мртви тела, меѓу нив и деца. Дојдоа и роднини и пријатели на луѓето кои се возеа во кобната 12-ка. Чекаа информации, но многумина се плашеа од најлошото.

Имам пријателка која се враќала од работа во 10.50, мајка и го загубила контактот со неа во 10.50. Стоматолог е, не знаеме ништо за неа. Зборував со неа пред да си замине од работа, зборуваме преку пораки. Пријатели сме веќе 15 години, бремена е во шести месец. Полицијата и спасувачите не ни кажуваат ништо, ни велат да се јавиме во болница поради пандемијата, а од таму ни велат да почекаме. Чекав 20 минути на телефон, никој не се јави.

Потрагата по преживеани беше времено е сопрена, се стравуваше дека постои опасност од ново уривање на надвозникот и пад на вагоните од метрото на патот. Се чекаше кран за да ги стабилизира вагоните. Но, потоа заробените во возилата беа успешно извлечени. Повредени се 70 луѓе, сите се хоспитализирани, но седуммина од нив во тешка состојба. Патниците раскажаа „Одеднаш се слушна татнеж. Луѓето почнаа да се удираат меѓу себе. Кога се се смири со шипки ги искршивме прозоците и скокавме низ нив.

Зошто и како се урна надвозникот се уште не се знае. Локалните жители веќе извесно време јавувале за пукнатини на надвозникот кои се појавиле по смртоносниот земјотрес во 2017-та, иако потоа биле санирани. Според локалните власти се чини дека носачот на надвозникот попуштил. Сепак следува детална истрага.

Ќе има официјална истрага од државниот обвинител и секако целосна проверка на сите владини институции, и ако треба, ќе се направи и меѓународна истрага за да се види што точно се случило во овој инцидент, изјави градоначалничката на Мексико Сити.

Метро системот на Мексико Сити е еден од најфреквентните во светот. повеќе патници превезува само њујоршкото метро. Сепак, оваа трагедија не се случи на постарите линии, кои преживеаа два силни земјотреси, туку на линија 12 која беше пуштена во употреба во 2012-тата година.

Алиса Шутиноска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Променливо облачно – Временска прогноза за 11.5.2025

Дејан Дејан

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Врзан за бандера бара правда и помош за настраданите во Кочани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе