Шефот на социјалистите и актуелен премиер на Албанија, Еди Рама во ново соочување со лидерот на демократската партија Љуљзим Баша. Двајцата создадоа вжештена предизборна кампања, полна со меѓусебни обвинувања и насилства меѓу нивните поддржувачи што заврши со еден починат.
Граѓаните денеска треба да се одлучат дали ќе го поддржат континуитетот или ќе се свртат кон промени. Рама се обидува да го освои третиот мандат. Ги бара гласовите за да го продолжи она што го почнал. На граѓаните им ветува подобар живот, преку планирани проекти за туризам, земјоделство и енергетика, и влез во европското семејство.
Важно е да ја продложиме нашата домашна задача затоа што европска-Албанија и Албанија – ЕУ не е нешто што го должиме на Брисел, тоа го должиме на нашите деца, изјави Еди Рама.
Неговиот ривал и лидер на Демократската партија, Љуљзим Баша, кој пред две години ја повлече парламентарнтата група од собранието, го обвинува Рама за корупција, организиран криминал и бара мандат за да ја промени Албанија. Ги повика граѓаните масовно да излезат и да ја изгласаат промената.
Денеска е прекрасен ден за нашата држава, историски ден. Ова е ден кога ја имаме моќта во нашите раце, сите Албанци, сите вие имате моќ во вашите раце за вашите семејства, деца, за државата, за нацијата. Денеска е ден да излезете и да гласате масовно, изјави Баша.
Против Рама е и претседателот Илир Мета. Иако почнаа заедничко владеење, Мета се одвои од Рама, обвинувајќи го за лошо менаџирање со државата, а актуелната влада ја нарече клептократски режим. Убеден е дека Албанците ќе се одлучат за поинаква страна.
Албанците ќе го одбијат Рама како да е на реферндум затоа што ова е најгрдиот остаток од комунистичкото минато и од клептократскиот режим од изминатите години, смета претседателот Мета.
Како трета опција за граѓаните е токму Движењето за социјалистичка интеграција, на чие чело е сопругата на Мета, на Моника Круемади. Право на глас имаат над триипол милиони луѓе. Забрането им е да гласаат на болните од ковид – кои според податоците се 23 илјади. Оправдувајќи се на пандемијата, владата забрани и влез на дијаспората, чиј број е над еден милион. Критичарите велат дека политичката сцена останува иста, а се менуваат само слоганите.
Денешните избори во Албанија се раскрсница на патот кон ЕУ, пат исполнет со пречки од Брисел, а преговорите за членствои во блокот никако да почнат. Но и да се случат преговори, ќе останат значјните полемики околу корупцијата, и институционалните реформи. И покрај се, речиси 97% од Албанците сакаат влез во ЕУ, со што земјата е најпроевропски насочена од сите држави на Западен Балкан.
Алиса Шутиноска