Најголемата бугарска политичка партија ГЕРБ утринава се откажа од обид да формира влада, откако овој месец на изборите однесе победа на стаклени нозе. Долгодишниот премиер Бојко Борисов му ја предаде палката на Даниел Митов, но тој како што вели се соочил со ароганција од партиите од кои побарал поддршка. Писмено бил известен дека ја одбиваат соработката.
Вистината е што ние бевме подготвени како со политички став, така и со тим за преговарање, но за жал партиите кон кои се обратив да преговараат со нас решија неодговорно и арогантно да ги откажат разговорите, што според мене е политчка грешка и незрелост, вели даниел митов.
Митов му ја пренесе пораката на премиерот во заминување и лидер на ГЕРБ, Борисов, кој пак во свој манир противниците ги нарече лажговци и од нив побара да му обајснат на своето гласачко тело зошто обиваат соработка. Според Борисов, новите пратеници едвај дочекале да влезат во собранието и да си донесат одлуки по свој терк.
Вчера веќе, имав малку повеќе време, и видов како се нафрлија на пратеничките Мерцедеси. Видов и дека првите одлуки им беа да си ги направат платите над 10 илјади лева. Видов како се врати најзлобната пракса во парламентот – гласањето со туѓи картички, и тоа баш од партијата „Има таков народ“, кои сами објаснуваа дека пратениците требало да работат по толку часа, да не мрдаат..и токму тие вчера..но за среќа тие не знаат дека брзите одлуки носат и ризик, објаснува борисов.
Една од партиите на која се обрати Митов е „Исправи се“, од каде велат дека со ГЕРБ одбиваат преговори затоа што биле условувани да прекинат со барањата за казнивост на корумпираните политичари. Неофицијално велат дека водат преговори со опозициските партии. Она што сега следува е претседателот Радев да го додели мандатот на втората партија, а тоа е „Има таков народ“ на музичкиот магнат Слави Трифонов. Но, за оваа одлука Радев вели дека нема да брза и деновиве ќе соопшти. Трифонов пак најави дека нема да коалицира со традиционалните партии, како ГЕРБ, социјалистите или етничката турска партија. Борисов предвидува дека за два месеца ќе има нови избори, и повторно земјата ќе биде во истата ситуација. Па доколку целта е формирање на доживотна привремена влада, тогаш според Борисов, тоа е очигледен напад врз демократијата.
Алиса Шутиноска