Секој трет граѓанин има антитела на ковид-19, покажа испитувањето на Институтот за имунобиологија кое се спроведе изминатите две недели во Скопје. Анализата се спроведе врз 1.000 случајни минувачи на шест локации во Скопје и тоа во Карпош, Аеродром, ТЦ „Мавровка“, во Градскиот парк и на улица Македонија и Плоштад Македонија. Притоа, се внимавало испитаниците да не се од исто семејство, односно да се земат примероци од различни групи и возрасти.
„Обработката на податоците покажа дека 31 отсто од испитаниците имаат антитела или секој трет граѓанин прележал ковид-19. Во анализата беа земени примероци и од луѓе кои знаеле дека го прележале вирусот, но и од испитаници кои не биле заразени или пак не знаеле дека прележале“, вели директорот на Институтот за имунобиологија Александар Петличковски . Како што објаснува Петличковски, ваквите разулатите кажуваат дека земјава е на половина пат кон создавање колективен имунитет, за што е потребно болеста да ја прележат најмалку 60 отсто од граѓаните. Институтот правел испитувања и врз медицинските лица кои ја примија вакцината на „Фајзер“ за резултатите кои ги дава вакцинацијата. Петличковски вели дека податоците кои ги добиле се одлични, вакцинираните лица имаат голема доза антитела.