Во само неколку минути – неколку возила на брза помош, речиси едно по друго. И ваква е сликата по цел ден овде во Клиничкиот центар.
Најголем број од возилата пренесуваат пациенти заразени со Ковид кои се во борба за секој здив.
Британската мутација го зголеми бројот и на новозаразени и на хоспитализирани, велат докторите. Но, правила нема – најмладиот пациент кој од вирусот се лекувал во кревет на интерните клиники е шеснаесетгодишник.
„Тоа фактички беше дете кај кое болеста почнала со гастроинтестинално крварење, крварење од желудник и во исто време Ковид-дијагностицирано кое беше на нашата клиника до пред еден ден, вчера е префрлено на Гастроентерохепатологија бидејќи тоа е основната негова симптоматологија“, вели Спец. Д-р. Иван Барбов – Директор на Клиниката за неврологија.
Овој случај не е исклучок – доктор Барбов вели дека помеѓу хоспитализираните веќе голем е бројот и на оние од 25 години па нагоре.
„Секако доминираат повозрасните пациенти, меѓутоа голем е бројот на хоспитализирани кои се во помладата група, почнувајќи од 25 па до 50 години кои порано беа многу ретко хоспитализирани. Факт е дека мутираниот вирус е позаразен, што бара граѓаните да повнимателни, повеќе да ги почитуваат мерките меѓутоа последниве денови бевме сведоци на групни собирања, забави, што во секој случај е многу лошо во состојба на ваква пандемија народот така да се опушта и да се групира без почитување на мерките за заштита“, вели доктор Барбов.
Од пред неколку дена комплетно функционира Ковид-центарот на Интерните клиники – 6 клиники на број кои функционираат како еден центар. Вкупно има околу 200 хоспитализирани пациенти, но има и слободни кревети – секојдневно околу триесет слободни кревети за пациенти.
Дел од граѓаните се свесни за сѐ што се случува околу нас. Поддржуваат рестрикции и цврсто се држат до мерките и препораките, но и ги осудуваат непочитувачите.
„Се шири, дефинитивно вирусот се шири, а тоа е сѐ од невнимание. Сакаат младите да живеат меѓутоа еве сега се помести границата. Мора да има рестрикции. Ова непочитување, навистина, ние луѓето сме излезени од сите правила и норми.“
„Како што гледам тука луѓето, без маски… тешко нас, на полошо оди. Еве бројките самите говорат. Треба луѓето да внимаваат.“
Во изминатите 24 часа во Ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 604 пациенти позитивни и сомнителни на Корона, гласат официјалните статистички податоци од Министерството за здравство.
Вкупната бројка на пациенти кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјата е 1040 и има околу 370 празни болнички кревети во Ковид-центрите.
Петар Догов