Без решавање на спорот со Бугарија, нема почеток на македонските преговори за членство со Европската унија. Втор пат за три месеци, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, го поставува решавањето на македонско-бугарскиот спор како услов за одржувањето на првата меѓувладина конференција, додека оценката за Албанија е дека е подготвена за почеток на преговори.
„Северна Македонија одржува стабилно темпо во спроведувањето на реформите за ЕУ, особено во областа „фундаменти“. Важно е брзо да се најдае заедничко прифатливо решение за нерешените билатерални прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија“, вели Вархеи.
Оваа изјава на Вархеји на Тиранскиот економски форум денеска е ново потсетување за Македонија. Лани во декември, Вархеји побара од Македонија да излезе во пресрет на бугарската загриженост и да се обиде да го реши проблемот.
За македонската влада нема дилеми. Барањата на Бугарија се непринципиелни прашања и бирократски ставови кои не може и не смее да бидат блокада за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ.
Да бидам кристално јасен и да го повторам уште еднаш ставот на Владата. Ние никогаш нема да си дозволиме да разговараме за она за што не може да се разговара. А тоа е кои сме, кои се нашите идентитетски атрибути и која е генезата на нашата државност и јазик, изјави премиерот Заев.
Бугарија во декември стави вето на преговарачката рамка за Македонија бидејќи во документот не влегоа нивните барања: за јазикот, за исполнување на Договорот за добрососедство, и Македонија да не поддржува претензии за македонско малцинство во Бугарија. Македонската влада го смета бугарското вето за геостратешка грешка кое нема да ги промени македонските ставови дека за идентитетските прашања нема преговори.
Марија Дивитарова