Втор викенд по ред, Србија во целосен локдаун. Драстичниот пораст на бројот на дневните инфекции и покрај брзата и успешна вакцинација на населението го принудија српскиот кризен штаб повторно до донесе одлука во наредните два дена да нареди затворање на сите објекти, освен оние со неопходните производи.
“Целиот кризен штаб донесе одлука дека за наредниот викенд, односно викендот кој следува, затвориме се на територијата на Република Србија, секако освен објектите поврзани со прехраната, аптеките и бензинските пумпи, како што беше и во текот на претходниот викенд” – вели Зоран Гојковиќ од српскиот кризен штаб.
Запрашан зошто не беше донесена одлука се да биде затворено за 10 дена, како што бараат лекарите и дел од медицинскиот штаб, Гојковиќ најави дека во текот на викендот ќе биде дополнително анализирана ситуацијата, при што во Понеделник ќе бидат соопштени евентуалните нови мерки.
Од наредната недела, наставата во сите одделенија од основното образование ќе се одвива онлајн.
“На онлајн настава следната недела ќе се префрлат и постарите одделенија од основните училишта, значи од 5-то до 8-мо одделение во основните училишта од наредната недела се на онлајн настава а ќе продолжи и онлајн наставата за учениците од средните училишта” – објаснува Гојковиќ.
Во текот на денешниот ден во Србија се регистрирани 4668 нови случаи од тестираните 16 831 граѓани, односно високи 28 % проценти.
Драстичниот пораст на случаите во Србија оди паралелно со процесот на имунизација, кој во нашиот северен сосед се одвива со брзо темпо.
Досега во Србија, се аплицирани 1 918 443 дози од вакцините против Ковид-19, додека 667 138 луѓе ја примиле и втората доза.
Со овие бројки Србија е убедливо на првото место во регионот по бројот на вакцинирани луѓе на еден милион жители и втора во Европа, веднаш зад Обединетото Кралство.
Никола Илиевски