Писмената согласност за вакцинација потпишана, полињата со податоци и информации во неа пополнети. Здравствените работници и денес наредени пред вакциналниот пункт.
До вчера ваква беше глетката пред скопската модуларна болница, но откако тие капацитети повторно се ставија во функција за згрижување Ковид-позитивни, вакцинацијата продолжи во Здравствен дом, односно поликлиника „Букурешт“.
Се ситнат и последните количини од српската пратка со „Фајзер“ вакцини. За неколку денови, ќе почнат да се трошат и руските вакцини коишто ќе бидат истоварени утре на скопскиот аеродром, велат здравствените власти.
Ние ги добивме сите потребни документи од руската компанија за да се подготви административната процедура во Агенцијата за лекови, што значи увозна дозвола и сега во текот на викендот и непосредно после пристигнувањето и дозволата да се стави во употреба. Многу веројатно дека во среда ќе започне вакцинацијата, а пратката треба да пристигне утре на скопскиот аеродром, околу 14 часот, изјави министерот Филипче.
Со производителот „АстраЗенека“ се договараат двесте илјади дози, а извесна количина од нив се очекува да пристигне за кратко време која ќе ги надополни останатите проектирани бројки на вакцини коишто треба да пристигнат во земјава, а се најавуваат подолго време.
Ако не ги сметаме овие последни вакцини коишто ги споменавме од АстраЗенека – очекуваме вкупно два милиони и двесте илјади дози, рече Филипче.
Во однос на кинеските вакцини се завршени сите административни работи и размената на документите.
Комуникацијата со кинеската „Синофарм“ сега се сведува на договор околу датумот на пристигнување на сите дози одеднаш – уверливо порача министерот за здравство од Сарај, каде што изврши увид на градежните работи за локална поликлиника.
Петар Догов