Вести Македонија Најважни

Се активира модуларната болница, првите вакцини „Фајзер“ ќе ги достави на крај на март

Модуларната болница од утре повторно ќе биде место за згрижување КОВИД-позитивни пациенти за да се олесни товарот врз Инфективна и останатите капацитети, потврдува министерот за здравство за Телма.

Досега, веднаш откако беше отпуштен и последниот излекуван пациент, местото служеше како вакцинален пункт за здравствените работници.

Сега вакцинацијата ќе се премести во Здравствен дом, со останатите вакцини коишто ги имаме, донесени од Србија.

Во меѓувреме, договорот со производителот на вакцини „Фајзер“ е потпишан и испратен до надлежните кај нас. Дваесетина илјади дози ќе пристигнат до крајот на март, се вели во него. Со нив би започнала и масовната имунизација на населението.

Тоа што досега сѐ уште чекаме да пристигнат вакцините од било кој производител, премиерот Заев одбива да го толкува како несериозност на Владата. Обезбедени се милиони дози и тоа е повеќе отколку што ни треба, тврди премиерот.

„Не се работи за несериозност заради тоа што знае целиот свет, а знае и целиот наш македонски народ дека единствена причина е недостатокот на производство во делот на количините на вакцините, за било која вакцина да се работи. Тоа е проблемот. Имајќи предвид дека ќе треба отприлика еден милион луѓе да се вакцинираат за да ја постигнеме имунизацијата, би било потребно два милиони вакцини. Ако ги броиме, имаме 800 илјади вакцини од „Фајзер“, 833 илјади од Ковакс-механизмот, 400 илјади односно двапати по 200 илјади имаме од Кина, 200 илјади имаме нарачано од Русија, имаме дополнително од ЕУ согласно грантот од 70 милиони евра и донациите коишто ги најавија сите соседи. Со тоа стигнуваме до два ипол милиони вакцини“ изјави Зоран Заев, претседател на Владата на РС. Македонија.

Во овој момент во тек е вакцинацијата на сите здравствени работници. Извакцинирана е првата линија – оние од КОВИД-центрите.

Вакциналниот план останува таков како што е подготвен и покрај постојаното одложување на пристигнувањето на дозите во земјава.

Од Комитетот за имунизација ги имаат проектираните бројки на властите и очекуваат да ги наполнат фрижидерите веќе кон средината на пролетта.

„Беа вакцинирани сите колеги коишто работат во КОВИД-центрите, со КОВИД-пациенти од лабораториите, односно оние што се во директен контакт со пациенти и коишто изразија да се вакцинираат конкретно со оваа вакцина. Сепак нашите најголеми очекувања се во поголемите количини коишто треба да пристигнат, а тоа се кинеските вакцини во бројка од 200 илјади со што би почнала втората фаза од имунизацијата, а тоа е масовната имунизација на населението. Во месец април се очекува да пристигнат овие количини и да се почне со тој процес на имунизација“ во изјава за Телма вели Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација.

Додека земјава секој ден очекува да пристигнат вакцините, веќе се соочуваме со нов бран. Бројките на новозаразени се во голем пораст, а главен показател за тоа е извештајот на Институтот за јавно здравје за периодот од 22 до 28 февруари – недела во која повеќе од 3600 потврдени случаи значи и пораст од 56 проценти во однос на претходната недела.

Сепак, нови рестрикции или препораки од Комисијата за заразни болести не се очекуваат до понеделник, затоа што ќе се анализира состојбата и во следните неколку денови.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Возачот Васил Јованов призна вина за несреќата во која ја прегази Фросина Кулакова  на пешачки премин

Дејан Дејан

Почнува националната еко акција „Генералка викенд“

Дејан Дејан

Трамп: Изборот на американски папа е „голема чест“ за САД

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе