Државниот завод за статистика се подготвува за најголемата статистичка операција. Методологијата ќе се објави до крајот на месецот, веднаш по усвојувањето на Законот за попис. Нема повеќе одлагања, ниту прифаќање на барања на политички партии, вели директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.
Ќе се попишуваат резиденти, нерезиденти и вкупното население. Оние кои живеат надвор од државата повеќе од една година ќе бидат попишани како нерезиденти. Како технички, правно и морално несоодветно го оцени барањето на ВМРО-ДПМНЕ пописот да се спроведе со отисок од прст.
Неприфатливо е и барањето на Алијанса на Албанците-Алтернатива, пописот да го спроведе државна пописна комисија. И тие нема да ги признаат резултатите од пописот.
Македонија е единствената земја во Европа која нема спроведено попис 18 години. Тоа беше нотирано и во последниот извештај на Европската Комисија со напомена дека мора да се спроведе попис на населението во текот на годинава. Ќе се спроведува со т.н комбиниран метод, истовремено попишување на терен со класичен метод, интервју лице во лице како и користење податоци од регистри, односно бази на податоци.
Целата територија на државата ќе биде поделена на 45 пописни региони во кои ќе има регионални пописни комисиии. Најголемата статистичка операција ќе чини 8,5 милиони евра а резултатите ќе бидат објавени 6 месеци по завршување на целиот процес.
Јулијана Пешевска