-Реакциите на јавноста за сликата без маски се оправдани, сметам дека згрешивме за миг и со нејзиното објавувањето се испраќа погрешна порака на сметка на потребата за носење лична заштита. Покрај грижата за своето лично и семејно, заедно со јавното здравје, ние сме посветени како избрани претставници да бидеме пример и да предводиме со дела во сe што правиме. Жалам што во оваа инстанца не бевме на висината на оваа наша посветеност. Затоа преземаме целосна одговорност, спремни сме да ги сносиме последиците и да ги почитуваме одлуките. Ги повикуваме надлежните институции да изречат мерки кои ќе ги испочитуваме како секој граѓанин, истакна првиот потпретседател на владата и министер за политички систем Артан Груби.
Фотографијата ја објави министерот за надворешни работи Бујар Османи, а оправдувањето за прославата на роденденот на лидерот на ДУИ Али Ахмети во државна зграда и без маски беше дека само во моментот на фотографирањето ги симнале маските од лицата.
-Нема партизација, нема непочитување на мерките, истакна Османи.
По реакциите на јавноста, од МВР соопштија дека го испитуваат случајот со функционерите на ДУИ. Во меѓувреме пријава против нив поднесе активистот и инжинер Марјан Ненов и го повика министерот Спасовски и обвинителството да работат. Од друга страна и универзитетската професорка Мирјана Најчевска оцени дека треба да има покрај кривична и морална етичка одговорност за функционерите.