Ковид19 Македонија

„Хепи биртдеј дир президент“ во Министерството за политички систем- заробеност на државата  или изненадувачка прослава во миг без маска

Една сина торта поделена меѓу 15 немаскирани мажи предизвика силна лавина критики-дека не се почитуваат мерките за заштита од корона и дека фотографијата на партискиот врв во новиот објект на министерството за политички систем само покажува дека и натаму партијата е побитна од државата.

-Протоколите се очигледно прекршени, сведочејќи од фотографиите. Тоа што е недозволиво е прослава на партиски настана или на личен настан, ако сакате, во државна институција. Тоа е во насока на заробеноста на државата која што многупати беше констатирана и која, нели, оваа влада се заложува да ја демонтира. Очигледно тоа не е случено и треба да се коригира, изјави за Телма Марко Трошановски од Институтот за демократија.

Но ликовите од фотографијата сметаат дека било миг поради изненадувачки донесената торта за роденденот на партискиот лидер, а не прослава со масовно прекршување на мерки и протоколи.

Фотографијата инаку ја објави шефот на дипломатијата и лекар Бујар Османи, колега на стотици медицински лица што неуморно со месеци се борат против пандемијата која однесе над 2 и пол илјади човечки животи. Ден подоцна вели дека било лош пример, но не било прослава или партизација.

-За жал, тоа доби таква погрешна интерпретација. Немаше ниту прослава ниту партизација, ниту непочитување на протоколите. Имаше момент на промовирање на новиот објект на Министерството каде еден вработен го изненади претседателот Ахмети со честитка за неговиот роденден и тоа се искористи, тој миг за да се направи слика. Така да во тој дел нема апсолутно никакво кршење на протоколите. Прифаќам една грешка, дека пораката која се дава со слика без маска треба да се минимизира независно што тоа е без маска во миг, поради фотографирањето, а не одржување на некаква церемонија без маски. Но, да – не треба да се пуштаат слики без маска, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи.

Домаќинот на зградата Артан Груби како прв вицепремиер понуди свое слично видување за првиот работен ден во годината:

Одговор на Артан Груби, прв потпретседател на влада и министер за политички систем:

-Сликата објавена од Османи беше само еден момент за заедничко изненадување што колега го приреди за г. Ахмети, слично како минатата година во Собранието, искористувајќи го неговото присуство. Како што може да се види, маските им се во раце. Протоколите првенствено ги почитуваме за нашето лично здравје и нашите семејства, како и за граѓаните.

Сепак сликата на славеникот кому вчера сите му викаа Уриме за 62-от роденден покажуваше дека ниту тој ниту парламентарниот спикер како највозрасни и најризични во групата ДУИ-мажи не носат маска додека ја сечат тортата.

Моментот без маски беше круна на вчерашното отворање на новата зграда која за 14 милиони евра државни пари стана Министерство за политички систем. Груби објави и фотографии од ентериерот, каде доминира мебел во црвена боја, статуи од Мајка Тереза и Скендер бег и министерска маса од масивно дрво.

Според податоците за јавни набавки, мебелот во министерството чинел помалку од 19 илјади евра иако не е наведено дали за целото министерство или само за канцеларијата на Груби.

Друг проблем е што на платниот список на министерството има околу 1400 административци, а сега одат на работа 40-тина. Тоа според Трошановски досега требаше да се испита.

-Станува збор за Министерство во чие екипирање уште во старт е направено кривично дело, односно се вработуваат луѓе без систематизација  и како што знаеме речиси сите вработени таму не доаѓаат на работа, истакна Трошановски.

Сепак најголем губитник испадна борбата против корупцијата, како што тврди претседателката на ДКСК дел од новата зграда требало да им припадне ним за поефикасна борба против функционерска корупција, државата одлучи таму да замине новото Министерство со свечено отворање и роденденска прослава во миг.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Денеска се одржува ,,Марш на ангелите” во Кочани

Дејан Дејан

Тројца отповикани и двајца со истечен мандат остануваат како в.д. амбасадори

Дејан Дејан

Истрагата за трагедијата во Кочани продолжува со распит на сведоци

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе