Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, не може да биде екстрадиран во Соединетите Држави, одлучи судот во Лондон.
Судијката го блокираше барањето за екстрадиција заради стравувањата за менталното здравје на Асанж и опасноста да изврши самоубиство.
Американските власти бараат екстрадиција на 49 годишниот Асанж заради објавувањето на илјадници класифицирани документи во 2010-тата и 2011-тата година.
Според американските претставници, објавите на Викиликс го прекршиле законот и загрозиле животи. Асанж го оспорува барањето и тврди дека случајот е политички мотивиран.
Американските претставници сега имаат две недели за жалба, што значи дека Асанж нема веднаш да биде ослободен од затворот Белмарш во Лондон каде во моментов се чува.
Доколку биде прогласен за виновен во Соединетите американски држави, адвокатите на Асанж тврдат дека тој може да биде осуден и до 175 години затвор. Американската влада сепак тврди дека пресудата најверојатно ќе биде меѓу 4 и 6 години.