Година на „новото нормално“. Година во која импровизиравме, година во која коронавирусот ни ги диктираше правилата на игра и начинот на живот. Година во која сфативме колку малку е потребно целото општество да биде исфрлено до баланс.
Домот стана заштитниот балон – микрокосмосот. Од дома се работеше, од дома се школуваа децата, компјутерските монитори станаа нашиот прозорец кон светот. Престанавме да се социјализираме, почнавме да се дистанцитанцираме едни од други, дури и во рамките на семејството.
Се затворија рестораните, кафулињата, кафеаните, се затворија трговските центри. За прв пат искусивме полициски час. За прв пат со денови луѓето останаа затворени во своите домови. Улиците празни, парковите празни. Празници, слави, родендени. Се стана ограничено и далечно.
Мерките како да почнаа да даваат резултати. По два и пол месеци се укинаа забраните, животот почна да се враќа во нешто што барем наликуваше на нормалата која ја знаевме.
Од средината на есента нов шок. Експлозија од новозаболени и жртви. Болниците пред колапс, здравствените работници исцрпени.
Што се крие зад маските на лицата. Колку стресот го наплати данокот? Доктор Чепреганов е убеден, толеранцијата е намалена, луѓето се тензични, деструкцијата е зголемена. Допрва ќе се чувствуваат последиците од пандемијата.
Тешки и исцрпувачки беа овие 365 дена. Епидемијата, социјалните и економски последици кои ги предизвика коронавирусот, притисокот растеше од ден во ден. Сепак повеќето од граѓаните научија некако да функционираат. Животот продолжува понатаму, сега во исчекување на вакцинацијата и со надеж дека таа ќе нбе врати во она „ старото нормално“, нормалното кое ни го познаваме и во кое го живеевме целиот живот.
А дотогаш, советот на доктор Чепреганов, или како што вели тој, неговото скромно мислење е мудро да го користиме слободното време и по секоја цена да го избегнуваме стресот.
Огнен Чанчаревиќ