Во Србија денеска почна вакцинацијата против коронавирусот, а првата вакцина ја прими премиерката Ана Брнабиќ.
Таа јавно ја прими вакцината на „Фајзер“ во Институтот за вирусологија, вакцини и серуми „Торлак. Веднаш по неа, вакцината ја прими и епидемиологот Дарија Кисиќ Тепавчевиќ, како и членот на кризниот штаб, епидемиологот д-р Предраг Кон.
„Денес е дефинитивно ден за насмевка. Конечно по 6 март, можеби за прв пат сега имаме причина да се насмееме. Ова претставува почеток на крајот на коронавирусот – изјави премиерката Ана Брнабиќ и додаде дека чувствува потреба да биде прва во Србија за да покаже со својот пример дека верува во вакцината и институциите.
Таа рече дека со претседателот Вучиќ се договориле да примат различни вакцини , тој веројатно ќе прими вакцина од следниот контингент.
Првите количини на вакцината во Србија пристигнаа во вторникот, а денеска ќе ги примат корисниците на домови за стари лица во Белград и Нови Сад, а од утре во Ниш. Веднаш по нив, вакцината ќе ја примат и здравствените работници. Србија е прва земја во регионот што ја доби вакцината од компаниите „Фајзер“ и „БиоНТек“ преку потпишан договор за 1,8 милиони дози, кои ќе пристигнуват квартално.
Во вторникот, 4.875 дози на вакцината Фајзер пристигнаа во Србија, а други 20.000 дози ќе пристигнат на почетокот на јануари. Наскоро се очекува да се даде дозвола за употребата и на вакцината Спутник V, како и на кинеската вакцина.