Британскиот премиер Борис Џонсон денеска повтори дека најверојатен исход од преговорите за трговските односи со Европската унија по Брегзит е дека нема да има договор, и покрај фактот што претставниците на ЕУ укажуваат на некаков, иако бавен, напредок.
Во разговор со неговите министри, Џонсон изјави дека најверојатно нема да има договор со ЕУ за идните трговски односи, но дека неговиот тим ќе се обиде да постигне договор.
Тој ја повтори својата желба да се постигне договор, но не по секоја цена и повтори дека секој договор мора да ги почитува независноста и суверенитетот на Велика Британија, соопшти неговиот портпарол.
Откако Џонсон и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен се состанаа во неделата за да разговараат за тековниот напредок во преговорите, дипломати од ЕУ велат дека трговски договор е се уште можен, но дека следните неколку дена ќе бидат критични.
Ирскиот министер за надворешни работи, Симон Ковини, денеска изјави дека преговорите напредуваат бавно, особено за спорното прашање за гарантирање фер конкуренција, т.н. „еднакви услови“, но дека е и умерен оптимист:
„Мислам дека она што го гледаме оваа недела … е бавно, но во исто време е и напредок“, рече Ковини.