Неисплатени плати за јули, август, септември и октомври, пониски плати од законски утврдениот минимум, договори за вработување на четири часа, а работно време од 8 часа. Со сето ова се соочуваат текстилните работнички во земјава, поради што Хелсиншкиот комитет за човекови права бара вонреден инспекциски надзор во четири текстилни фабрики.
Само во изминатиот месец се регистрирани 88 случаи на прекршување на работничките права, а годинава пристигнале и рекордни 600 барања за бесплатна правна помош. Две третини од пријавите се поднесени од жени и се однесуваат на губење на работните места, незаконски откази, намалување на платите, како и несоодветни услови за работа во новонастанатата состојба и несоодветен превоз до работа за време на пандемија. Многу од договорите за работа не биле продолжени, а хронично болните не биле ослободени од работни обврски. Една од најчесто прекршуваните мерки е ослободувањето на еден родител од работа.
Од Комитетот се бара Државниот трудов инспекторат да постапува навремено и ефикасно, со почитување на законските рокови.Многу е важно и да се вршат проверки, дали работодавачите постапиле по налозите на инспекторите.
Поради стравот од реперкусии, работниците се двоумат да пријават сами, но затоа се` почесто се охрабруваат тоа да го направат преку синдикатите или организациите како Хелсиншкиот комитет, каде можат да останат анонимни, а сепак пријавата да стигне до инспекторите.
Далиборка Демјанска Цветановска