По скоро едномесечна пауза ракометарите на Вардар се враќаат на теренот и вечерва од 20 часот и 45 минути во салата на СЦ Јане Сандански против Флензбург ќе го одиграат вториот натпревар во Лигата на шампионите.
Се уште актуелниот европски првак за прв пат во новата сезона ќе игра на домашен терен, а во овој период меѓу дуелите со Мешков Брест и Флензбург, “црвено-црните” одиграа два контролни меча против Бутел и Металург.
“Ќе се обидеме да излеземе како победници на овој дуел. За мене е важно мојата екипа да биде подобра од она последно издание во Мешков и мислам дека на крај можеме да се радуваме. И Флензбург има проблеми со повредени играчи и нема многу голема ротација, но во моментов се во мала предност поради подобрата натпреварувачка форма што не значи дека ние нема да направиме сè за да излеземе како победници”, изјави тренерот на Вардар, Стевче Алушовски.