Претседателот Стево Пендаровски во писмо до вселенскиот патријарх Вартоломеј побара да го искористи негово „апелационо право“ за афтокефалност на Македонската православна црква. Писмото тој го испратил по повод почетокот на Новата црковна година.
„Ви се обраќам во името на голем дел од моите сограѓани коишто се идентификуваат како православни христијани и чија единствена желба и потреба е да се смират со своите ближни и да се упатат кон заедничката иднина, кон соживотот и кон вистинската слобода. Во оваа насока би сакал да упатам барање до Вашата Сесветост да го уважи повикот на нашиот благочестив народ и на нашата Црква да го употребите своето апелационо право, со што нашите граѓани од православна христијанска вероисповед, конечно, ќе ја добијат можноста да бидат еднакви со сите останати православни христијани во светот“, пишува Пендаровски.
Македонскиот претседател го информира Вартоломеј и дека “изминативе три години, решивме да го искористиме времето во наша полза и да ги оставиме зад нас историските несогласувања“. Пендаровски во писмото се повикува на вселенската патријаршија како пример за тоа како може да се остане доследен на вредностите, а истовремено да се биде динамичен во соочувањето со тековните предизвици. Од Македонската православна црква писмото на претседателот Стево Пендаровски го оценуваат како добар потег раководство на државата да го помогне и поттикне решавањето на статусот на Македонската православна црква- Охридска архиепископија.