Вести Свет

Србија и Косово со напредок на преговорите во Брисел, но најтешките прашања допрва ќе се отвораат

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, по денешните разговори во Брисел кои се дел од дијалогот со Косово, кој се води под покровителство на ЕУ, изјави дека била постигната суштинска согласност во однос на прашањето на исчезнатите и внатрешно раселените лица и за економските прашања.

Вучиќ дополни и дека и биле отворени две нови теми: прашањето на заедницата на српските општини и темата на имотот и финансиските барања кои ги истакнуваме едни кон други, изјави Вучиќ пред новинарите по разговорот со премиерот на Косово, Авдула Хоти.

Шефовите на експертските преговарачки тимови ќе ги продолжат разговорите за заедницата на српските општини на 17-ти септември, додека следниот состанок на највисоко ниво е планиран за 28-ми септември а на дневен ред доаѓаат најважните и најтешки прашања за кои двете страни имаат спротиставени позиции. Разликите меѓу Србија и Косово за повеќе прашања, но и желбата да постигнат напредок , пред денешната рунда преговори, ја потврди и шефот на европската дипломатија, Јосеп Борел.

Природно, нивните позиции се разликуваат, но тие се враќаат тука повторно за да најдат заеднички позиции и да работат за сеопфатна нормализација на своите односи и да ги решат клучните проблеми. Денеска ќе разговараме за две многу значајни теми: договор за немнозинските заедници и надминување на взаемните финансиски побарувања на имотите. Двете теми се исклучително чувствителни и многу важни за идните односи меѓу Косово и Србија и за секојдневниот живот на нивните народи.

Претходно,  Вучиќ и косовскиот премиер, Авдула Хоти потврдија денеска во Брисел дека за нивните земји евроинтеграцијата останува најзначаен приоритет. Во заедничката изјава, која ја објави канцеларијата на Борел, Вучиќ и Хоти ја презеле и обврската да ги удвојат своите напори за исполнување на европските стандарди во согласност со преземените обврски.

Српскиот и косовскиот лидер истакнуваат и дека договорот потпишан во Белата Куќа, со посредство на администрацијата на Трамп, би можела да обезбеди корисен придонес за постигнувањето сеопфатен, правно обврзувачки договор за нормализација на односите.

Во неочекуваниот резултат од самитот во Белата Куќа во петокот, Трамп соопшти дека Србија и Косово се договориле за нормализирање на економските врски како резултат на американското посредништво.

При тоа, Србија се согласи да ја пренесе својата амбасада во Израел во Ерусалим, додека Косово и еврејската држава се обврзаа на взаемно признавање.

 

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Почнува националната еко акција „Генералка викенд“

Дејан Дејан

Трамп: Изборот на американски папа е „голема чест“ за САД

Дејан Дејан

УНИЦЕФ: „65 до 70 проценти“ од целиот водоводен систем на Газа е оштетен

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе