Грда слика пред „Мавровка“. Четврти ден од како „Македонијапат“ започна да ја урива дивоградбата пред трговскиот центар, сеуште стојат делови од столбовите, шипки од челичната арматура и куп парчиња бетон од срушената плоча. На терен денеска нема ниту градежна механизација, ниту работници. Од „Македонијапат“ за Телма објаснуваат дека уривањето на дивоградбата ќе продолжи од понеделник. Ова беше само еден од над 100 диво изградени објекти во главниот град, за кои Град Скопје нема ингеренции да ги урива, вели градоначалникот Шилегов. Тој ги повика надлежните институции навреме да ги извршуваат задачите, за да се спречи дивото градење и за да се санкционираат сторителите.
- Град Скопје нема ингеренции над дивоградбите. За жал, нема ингеренции над дивоградбите . Аналитиката кажува дека има околу 140 објекти на територијата на целиот град. Јас повикувам сите институции да си ја работат својата работа во рамките на своите обврски кои што ги имаат – Петре Шилегов- Градоначалник на Град Скопје.
За да се спречи подигањето дивоградби, од Асоцијацијата на архитекти побараа ингеренциите на инспекциските служби и урбанистичкото планирање ,од општините да се префрлат на Град Скопје.
- Не само инспекциските служби да се префрлат , туку и планирањето. Бидејќи во моментов немаме едно сообразно планирање на градот, освен на генерален план, ниво кое што е всушност зонирање и не навлегува во детали, точно каде би имало објекти – Мартин Пановски- претседател на Асоцијацијата на архитекти.
Дивоградбата кај „ Мавровка“, која неофицијално требаше да биде хотел, беше урнатата по заложбата на старо- новиот владин состав. Од опозицијата бараат власта да продолжи со урвањето дивоградби и на други места низ државата.
- Ако навистина се за почитување на ред и закони, еве сега нека дојдат тука, на Попова Шапка. Зад мене порасна цело едно село, ама никој не смее да мрдне. Владее градежна анархија среде туристички , зимски центар. Околу 80 објекти се градат на државно земјиште , среде она што треба да биде некој парк , но никој не руши, ниту пак одговара за тоа, изјави Наум Стоилковски- портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Дивоградбата кај „Мавровка“ започна да се руши по месеци потрага по инвеститорот , кој во средата се појави и рече дека објектот се градел легално.
Сотир Трајков