Наредната недела, најверојатно во среда, Собранието ќе заседава и ќе ги избере членовите на работните тела. Претходно, предлогот ќе биде утврден во Комисијата за избори и именувања. Во 20 комисии ќе има мнозинство владеачката коалиција СДСМ-ДУИ-БЕСА-ДПА, а најголемата опозициска партија ќе биде побројна само во Комисијата за надзор на следењето на комуникациите. Според моделот за распределба на претседатели и членови, во согласност со бројот на освоени пратенички мандати, коалициите на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ ќе раководат по 8 комисии, ДУИ 3 и коалицијата Алијанса-Алтернатива – 2 комисии.
Овој договор меѓу парламентарните партии треба да финишира со поделба која партија со која комисија ќе раководи и кои пратеници ќе добијат такви задачи. Претседателот Талат Џафери вели дека седницата ќе биде закажана кога ќе добие официјален предлог од партиите.
Талат Џафери, Претседател на Собранието на РСМ: Седницата за формирање на работните тела ќе биде закажана во моментот кога политичките партии ќе достават предлог. До овој момент таков предлог не е доставен од ниедна партија. Штом биде доставен, претседателот ќе може да свика седница.
ВМРО ДПМНЕ цени дека власта е одговорна што до сега не се формирани комисиите, со што Собранието не е целосно функционално.
Алијанса и Алтернатива очекуваат и другите избори на функционери од власта да се пролонгираат бидејќи се работи за нестабилно минимално мнозинство.
СДСМ потсетува дека координацијата меѓу партиите е во тек. Очекуваат договор наредната недела.
Јован Митрески, координатор на пр. група на СДСМ: Бројот на работните тела со кои ќе раководи некоја пратеничка група се определува според бројот на освоени мандати. Очекувам дека на почетокот на следната недела ќе има конкретен договор меѓу сите координатори за тоа кој со кое работно тело ќе претседава.
На Конститутивната седница, беше формирана само Комисијата за избори и именувања, со која раководи СДСМ. Комисиите се неопходни за да заземат став и евентуални амандмани за законските проекти. Се очекува први закони што ќе ги донесе овој собраниски состав да бидат измените на законите за основно и средно образование, поврзани со корона, кои вчера беа утврдени на владина седница.
Соња Николовска