Милиони деца во Франција се вратија во школо денеска, со нови безбедносни протоколи и покрај неодамнешниот пораст на бројот на позитивни случаи коронавирус во државата.
“Вирусот се уште е тука и вие мора да се заштитите себеси” – изјави претседателот на Франција, Емануел Макрон, со маска на лицето во видео пораката објавена на инстаграм и насочена кон повеќе од 12 милиони деца, во нивниот прв ден назад во училиштето.
Согласно правилата, носењето маски во текот на денот, вклучувајќи ги паузите, е задолжително за сите ученици на возраст од 11 години и повеќе, како и за сите наставници и вработени во училиштата.
Целта оваа година е овозможиме образование под речиси нормални услови за учениците, да им помогнеме најдобро што можеме и уште поважно да ги почитуваме здравствените мерки за да ги избегнеме, колку што е можно, проблемите поврзани со Ковид-19, изјави Реџис Кубли, директор на основно училиште
Наставниците и родителите изразија загриженост заради новите правила и што тие би можеле да значат за новата училишна година, но генерално ги поддржуваат превентивните мерки.
На почеток со малку страв затоа што од сето тоа што го слушаме, никој всушност не знае што ќе се случува. Знам дека сме внимателни, на работа и секаде а сега и децата исто така ќе мора да живеат со опасноста од вирусот како и сите ние. Мора да живееме со овој вирус, вели Жером Контино, татко на првоодделенец
Очигледно, ќе биде тешко. Да се зборува со нив без да им се насмееме. Да не видат насмевка е навистина тешко за децата. Потоа и физички, носењето маски за нас, наставниците, ќе биде тешко. Многу е топло и слично. Но сепак, ќе биде добро, затоа што мора да ги почитуваме овие правила. Целта е навистина да се почитуваат правилата, вели Лиз Женро, наставничка во основно училиште
Од денеска, маските се задолжителни и во сите работни средини во Франција а владата ги охрабрува родителите да се вратат на своите професии , додека истовремено се обидува да го држи бројот на инфекции на ниско ниво.
Здравствените власти во Париз вчера пријавија 3082 нови случаи Ковид 19, помал број од претходните денови, но сепак поголем од соседите во Европа и од мај и јуни кога во Франција дневно се регистрираа по неколку стотици случаи, пред периодот на летните одмори да предизвика нов пораст на епидемијата.
Во Франција, досега од пандемијата корона вирус починаа повеќе од 30 600-тини луѓе.
Никола Илиевски