Наглиот пораст на заболени од корона вирусот во речиси сите европски држави не ги плаши противниците на воведените мерки за борба против пандемијата. Речиси 20 илјади луѓе излегоа низ улиците на Берлин да протестираат против носењето заштитни маски. Никој од присутните не ги почитува мерките за социјална дистанца. Иако, најавени за мирни протестите накратко ескалираа во судир со полицијата при што едно лице е уапсено. Берлин неодамна ги забрани протестите како дел од епидемиолошките мерки, но за денешнот протест активистите испратиле илјадници апликации до Градот. А на социјалните мрежи имаше и закани за насилство, што за полицијата протестот навлегува во сосема нова димензија.
Полициските вооружени сили со камиони вчера однеле стотици демонстранти, а полицијата со опрема за немири упаднала во митинг. На денешните протести учествуваат и радикални десничари, а се вее и нацистичко знаме. Иако Германија е една од земјите кои добро се справи со пандемијата на самиот старт, сепак деновиве бележи зголемен број на инфицирани, што предизвика загриженост кај властите. Меркел предупреди дека по завршување на летото, следуваат месеци на дополнителна борба.
Мора да очекуваме дека ситуацијата ќе биде потешка во наредниве месеци, отколку во летото. Ја уживавме слободата и релативната заштита од аеросолите за време на летото. Тоа беше можно, поради животот на отворено. Наредниве месеци ќе бидат важни за да ја одржиме стапката на инфекцијата ниска, кога ќе се вратиме на затворено, на работа, на училиште и во домовите, изјави канцеларката Меркел.
Но, Берлин не е единствениот град. И Лондончани утринава излегоа на протести поради истите причини. Британците се дополнително загрижени и од вакцината против корона вирусот која властите ја најавуваат дека ќе биде задолжителна, за разлика од останатите вакцини кои се примаат по сопствен избор. Ниту Парижани не останаа да ги почитуваат препораките. Илјадници се собраа во центарот на градот, на бунт против ригорозните правила, кои Макрон најави дека е можно да ги зајакне, поради вториот бран.
Во изминативе неколку недели, во Франција, Германија, Италија и Шпанија, Грција и Хрватска бројот на заболени е рапидно зголемен со напливот на туристите. Па така, битката со коронавирусот од болниците како да се префрли на улиците, каде најголема работа имаат полицајците кои ги потсетуваат туристите да ги стават заштитните маски.
Алиса Шутиноска