Северната граница кон Косово и Србија останува отворена, рампите се кренати но границата делува како да е затворена за српските и косовските државјани откако од денеска за нив е задолжителен негативен ПЦР тест за да можат да влезат во Македонија.
На двата гранични премини, „Табановце“ и „Блаце“ на прсти од една рака можеа да се избројат возилата со српски и косовски регистрации кои застанаа пред полициската контрола но веднаш потоа се вратија назад бидејќи немаа задолжителен валиден тест.
Фреквенцијата на возила и патници на двата гранични премини е видно намалена, границата ја минуваат само македонски државјани и државјани на земјите од ЕУ кои транзитираат низ државата кон Грција и за кои не е потребен ПЦР тест.
Од утрово на граничниот премин „Табановце“ не е регистран влез на ниту едно возило со српски регистерски таблички ниту пак на српски државјанин. На граничниот премин, на кој во овој период од годината сме навиканти да гледам колони автомобили,автобуси и патници, речиси и да немаше возила а тие што влегуваа во државата најчесто беа македонски државјани кои се враќаа од Србија. Единствено ова возило се појави на пасошката контрола и откако возачот и совозачот немаа задолжителен ПЦР полициските службеници им забранија да влезат македонија и ги вратија назад во Србија (5851).
Само за споредба, вчера преку овој граничен премин 2.600 српски државјани влегоа во државата а 3.130 се вратија во Србија.
Според надлежните ова се должи на фактот што Грција ја спушти рампата за српските туристи но и поради тоа што задолжителниот ПРЦ тест чини меѓу 40 и 50 евра и затоа патуваат само тие што навистина имаат неодложна рабпта во Македонија.
На Блаце сликата речиси идентична. Без никаков метеж, понекој автомобил и речиси сите без исклучок со македонски регистрации. За неколкуте часа на граничниот премин пристигнаа неколку возила со косовски регистрации но тие беа вратени назад бидејќи патниците немаа потврда за негативен ПЦР тест. Полициските службеници велат вчера на овој премин имало огромна гужва а тоа го потврдуваат и официјалните бројки на МВР според кои на Блаце вчера влез во државата оствариле 3.168 косовски државјани а 1.557 преку овој премин се вратиле назад во Косово.
Македонија ги отвори границите на 17 јуни и тогаш за влез во државата беше задолжителен негативниот ПЦР тест не постар од 72 часа. На 26 јуни Владата донесе одлука со која се укинува задолжителниот тест и државниот карантин при влез во македонија, за вчеравечер повторно да го воведе тестирањето за граѓаните Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Според владината уредба, покрај задолжителниот ПЦР тест жителите на овие четири држави се должни на влез во Македонија да пополнат изјава со податоци за местото каде ќе престојуваат и периодот кој ќе го минат во нашата држава.
Огнен Чанчаревиќ