Поранешниот светски рекордер во Маратон, Вилсон Кипсанг заработи суспензија од четири години од сите атлетиски натпреварувања поради кршење на анти-допинг правилата на Меѓународната атлетска федерација.
Единицата за интегритет на светската атлетика соопшти дека 38-годишниот маратонец прекршил неколку правила, односно погрешно пријавувал места на кој ќе престојува за да биде тестиран на допинг, потоа фалсификувал докази и изјави на сведоци.
Кениецот условно беше суспендиран во јануари годинава, откако дури четири пати пријавил лажно каде ќе престојува. Три такви прекршоци во текот на една година, автоматски носат суспензија. Казната од четири години почнува да се смета од 1 јануари годинава.
Кипсанг е големо име во светската атлетика и во кариерата досега има славено на маратоните во Лондон, Њујорк, Токио, а во Берлин во 2013 година постави светски рекорд. Интересно е тоа што Кипсанг во 2014 година беше промотор на Скопскиот маратон.