На хартија генијална идеја, во пракса вистински кошмар, вака може да се оценат фамозните јаглеродни пазари, кои наместо своевидна револуција во борбата против климатските промени на површина ја извади моралната корупција на човештвото.
Иако концептот претрпе тежок удар минатата година, кога цела низа истражувања утврдија неверојатни злоупотреби, од посредници кои го доживеаја како неодолива шанса за профит, до компании што во него видоа начин како да ги избегнат трошоците за трансформација на нивното оперирање.
Вакви откритија во секој друг сектор ќе значеа неизбежна терминација на проектот, но не и кога станува збор за климатските промени, не и кога станува збор за развиените да продолжат да се развиваат додека измислуваат строги правила за оние за кои напредокот е прашање на живот и смрт.
Гледаме дека нашата клима е на работ, нејзиното нарушување се одвива со досега невидена стапка, зголемувањето на температурата далеку ќе ги надмине 1,5-те степени од прединдустриското доба, и наместо да се бориме за вистински решенија, тие внатре се борат да го обезбедат својот профит. Капитализам пред правда, јаглеродни кредити пред вистински промени, и ние велиме доста е веќе, порача активистот за животна средина Тајрон скот.
Пред 10 години, кога 196 делегации по двонеделни макотрпни преговори успеаја да го постигнат парискиот договор, надеж имаше во изобилство дека светот конечно се обедини во борбата против климатските промени.
По без малку две децении дипломатски натегања, најголемите загадувачи на планетата за прв пат се обврзаа да работат на намалување на сопствените емисии на штетни гасови, но и финансиски да го поддржат справувањето со последиците од климатските промени.
Во 2015, кога го потпишавме Парискиот договор, кога науката беше јасна, кога и дури и на светот на политиката му беше јасно дека мораме да почнеме да ги намалуваме глобалните емисии пред 2020, да ги преполовиме до 2030, и да тргнеме по овој одлучен и јасен пат кој нула емисии во глобалната економија до 2050. Поминаа веќе пет години од клучната декада, а емисиите продолжуваат да растат, предупредува директорот на климатските истражувања на институтот во потсдам јохан рокстром.
Клучен сегмент од парискиот договор беше воведувањето на систем за тргување со емисиите на стакленички гасови, кој ќе воведе баланс и ќе ги премости јазовите меѓу развиените и неразвиените сиромашни земји.
Идејата беше земјите кои воопшто немаат или имаат многу мал удел во глобалните емисии на штетни гасови на богатите да им продаваат кредити, а парите да ги искористат за проекти посветени на зачувување на шумите и флората кои апсорбираат јаглерод диоксид од атмосферата.
Еден кредит изнесуваше еден тон јаглерод диоксид, а неговата цена уште на самиот почеток се вивна до небото, откако компании како Нетфликс, Дизни, Шел, ИзиЏет и Гучи купија милиони кредити.
Идејата за пазарот на јаглерод беше претставена како убаво решение кое ќе му овозможи на капитализмот непречено да продолжи, додека се решава климатската криза. И редовно гледаме дека тоа не е успешно. И наместо да видиме некакви последици, гледаме како богатите земји, глобалниот север, корпорациите, ги удвојуваат напорите во оваа стратегија, обвинува активистот за животна средина колин рис.
Но, уште на самиот почеток се појавија сомнежи за злоупотреби. Првиот аларм се вклучи откако некои компании купувањето кредити го видоа како оправдување да не ги спроведат потребните реформи во своите производство и синџири на снабдување.
Набрзо потоа британски Гардијан спроведе обемно истражување во кое откри дека во дури 90 проценти од проектите не било остварени никакво позитивно влијание врз животната средина.
Исто така, беше утврдено и дека на многу места каде домородно население биле подложени на силен притисок да се откажат од својата и без тоа рудиментарна економија, всушност добиле занемарлив износ од средствата.
Нашата племенска земја е 98 проценти шума, под сопственост и владение на нашата суверена домородна нација во склоп на владата на Соединетите држави. Но, во текот на последната деценија нашиот народ беше преплавен од притисоци од јаглеродниот пазар, брокери и јаглеродни каубојци кои се обидуваат да внесат раздор во нашата заедница, да нѐ убедат да им дадеме земја за нивните проекти за јаглеродна компензација, рече томас џозеф, домородец од американското племе хупа.
После сите овие откритија, нормално, следуваше и крах на целиот пазар, откако на крај во сомнеж падна и вистинската вредност на кредитите јаглероден диоксид. За само една година, вредноста на целиот пазар од 2 милијарди долари, опадна на 700 милиони.
Целиот концепт стана мета на жестоки критики, како од оние кои од самиот потечок се противеа така и од вистинските верници во него, кои останаа разочарани поради пропуштената можност.
Јаглеродните пазари не се иновација, тие се продолжение на колонизацијата и експлоатацијата на домородните народи и нивното човеково право да ја користат земјата на начин кој создава хармонија, баланс во нашите екосистеми, жестоко критикуваше активистката неха гупта.
И покрај сите овие утврдени недостатоци на системот, развиените земји нема да дозволат тој да пропадне. За нив тој е единствениот начин да ја избегнат комплетната трансформација на својата индустрија, која неминовно ќе нанесе енормна економска болка врз нивните општества.
Токму поради тоа изминатите 18 месеци се направи огромен напор системот да се реформира, да се воведат потранспарентни механизми за контрола врз тргувањето и попрецизни методи за пресметување на вредноста на кредитите.
Најголемите поборници, и покрај сите досега детектирани недостатоци, продолжуваат да инсистираат дека концептот е добар и на крај ќе се покаже како успешен. Но, за многу од заедниците кои со децении ги чувствуваат последиците, времето истекува.
Игор Трајков
Анализата беше емитувана во Глобалниот магазин Нексус на Телевизија Телма, петок 14 ноември, 2025.
Нексус се емитува секој петок во 17 часот, а репризното издание е во сабота во 13:30.
