Многу тајни во полициското постапување со акциската контрола во кабарето Пулс спроведена ноќта кога се случи трагичниот пожар- бидејќи МВР на 4 од 7 прашања на Телма за начинот на изведувањето на акциската контрола во Кочани, но и во други градови низ Македонија, достави одговори дека поради класифицирани информации не може да дава дополнителни податоци.
ПРАШАЊЕ НА ТЕЛМА: 1. Дали за таа акција (во кабарето “Пулс” која била дел од поширока акција во зржавата за контрола на присуство на малолетници и дилање дрога) имало посебен оперативен план? Кој го донел, кој бил одговорен за координација и спроведување на централно, регионално и локално ниво?
ОДГОВОР НА МВР: Во однос на првото прашање ве известуваме дека за наведената акција на 15/16.03.2025 година постои соодветен оперативен план кој според содржината и степенот на класификација на информациите за истиот, не можеме да ви доставиме дополнителни информации.
Истиот одговор, дека се класифицирани податоците, без да се наведе точниот степен на класифицираност односно дали се користела широко распространетата пракса за правење „строго доверливи“ информации во полицијата, е доставен и на прашањата „Кој ја водел акцијата“ и „Кои полициски процедури се користени“.
ПРАШАЊА НА ТЕЛМА: 4. По чија наредба/одлука, во акцијата на 16-ти март во Кочани се повикани полицајци од други полициски станици, како што е случајот со загинатиот полицаец?
- Кои оперативни процедури биле предвидени во планот за спроведување на акцијата?
ОДГОВОР НА МВР: За прашањата под реден број четири и реден број пет ве информираме дека согласно степенот на класификација на информациите содржани во оперативниот план, не можеме да ви дадеме подетални информации за наведената акција.
Нема ниту конкретен одговор дали смртта на полицаецот кој учествувал во акцијата и загина во пожарот во Пулс се смета за загинување на полициска задача за што се предвидени посебни постапки и процедури за истражување, за утврдување одговорност и за определување заслуги и бенефиции за семејството на полицаец загинат во мисија.
МВР одговори дека полициското постапување го истражува обвинителството заедно со внатрешната контрола.
Државниот обвинител Коцевски пак посочи дека истрагата треба да заврши за десетина дена, а обвинителите уште прибираат докази и сослушуваат сведоци. Ако се најдат докази за други осомничени, истрагата ќе се прошири.
-И вчера и во моментов се распрашуваат сведоци, осомничени, се прибираат докази. Досега се расправашни голем број на сведоци, можеби над три стотини. Се надевам дека јавните обвинителите ќе ја завршат постапката предвидена со динамиката. Се работи на собирање и на нови докази и доколку јавните обвинители откријат нови моменти, за нови осомничени, ќе има проширување, дали во рамки на оваа истрага или на нова, рече државниот обвинител Љупчо Коцевски.
За трагедијата на Кочани, досега се осомничени над 60 луѓе од кои 13 се полициски службеници. Најголем дел се осомничени за дејствија извршени пред пожарот, а за дејства во време на пожарот, од актуелни функционери или полициски началници осомничени се само двајца, тогашниот градоначалник Љупчо Папазов и актуелниот директор на ДЗС Џеват Селами.
Обвинителството, МВР и власта негираат дека има селективност во истрагата со која се опфатени само поранешните функционери и началници. Дел од уапсените како министерот Шабан Салиу не е осомничен поради актуелната функција туку поради функцијата која ја вршел пред 2017-та.
Миомир Серафиновиќ