Теснопартиски, а не експертски избор. Ова е еден од аргументите на пратениците од СДСМ кои ќе гласаат против предлогот на претседателката Сиљановска, универзитетскиот професор, Трајко Славевски, да стапи на функцијата гувернер на Народна банка.
Тоа е човек што се спротивставува на растот на минималната плата, на економски политики, кои се за доброто на граѓаните. Тој беше најголемиот противник, ако се сеќавате, тој велеше дека дури 9.000 денари била голема минимална плата. Неговиот избор за гувернер не може ништо добро да донесе ниту за системот ниту за државата, рече координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовски.
Од партијата ја обвинија Сиљановска дека, и покрај можноста да застане зад сопствен избор и да промовира независна и стручна личност, потклекнала пред барањата на Мицкоски. Премиерот, пак, негира дека се мешал во изборот и покрај тоа што и вчера, пред конечната одлука, беше на средба со претседателката.
Вели дека, тоа е нејзина одлука, а не на владата, како и дека пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ ќе го поддржи предлогот.
Славевски ќе треба да си даде оставка од партиската функција-член на Извршниот комитет на партијата, затоа што, законот не дозволува, гувернерот да биде член на партиски орган. Тој е долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ и учествувал во изработката на програмските документи на партијата.
Собранието вчера го доби предлогот, а изборот ќе оди по редовна постапка, најверојатно на 3 јуни. За да биде избран, е потребно просто мнозинство од 61 глас, што владејачките партии го имаат.
Славески во моментот ја извршува фунцијата претседател на Советот на Град Скопје, и е универзитетски професор на Економскиот факултет, каде претходно магистрирал и докторирал. Постдипломец е и на Калифорнискиот државен Универзитет, како и на Универзитетот Харвард.
Во политиката влегува во 1999 година, како министер за развој во владата на Љубчо Георгиевски.Подоцна му станува советник на Никола Груевски, кога беше министер за финансии, а три години и самиот е министер во владата на Груевски.
Поради неговите критики, особено за односот на Груевски кон Мијалков, односите им заладуваат, по што одби да си поднесе оставка и беше разрешен од Собранието. На заминување, од говорницата го критикуваше и го предупреди Груевски за опасностите од економската политика за која се залага.
Подоцна изјавуваше дека како министер трпел многу притисоци, поради залагањето пратениците да не го крадат буџетот со покажување на фиктивни сметки за патни трошоци, си создал многу непријатели во Собранието.
Во негово време беше издадена најскапата еврообврзница до каматна стапка од 9 проценти, a е креатор и на кампањата „Купувајте македонски производи„.Познат е и како критичар на јавните трошоци на локално и на државно ниво.
Далиборка Демјанска Цветановска