Се очекува претседателката Гордана Сиљановска Давкова да го објави предлогот за нов гувернер на Народната банка. Мандатот на актуелната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска истекува утре, но законот пропишува таа да ја врши функцијата до изборот на нејзин наследник.
Претседателката Сиљановска Давкова вчера изјави дека името на новиот гувернер ќе биде познато наскоро.
„Не го кажувам прво името пред новинарите, се надевам дека не се лутите, но веќе мислам дека знам. Со право се создаде дебата и прашања, но сепак мислам дека е нешто што треба да се практикува за секоја функција – да седнете со сите кои се споменуваат и да разговарате. Да ги прашате што мислат за другите или што мисли дека тој ќе направи, а не е направено. Уште повеќе би сакала да има повеќе кандидати, но, тоа не е можно секогаш“, изјави Сиљановска Давкова.
Меѓу тројцата најсериозни кандидати за оваа функција се споменуваат актуелната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска, професорот на Економскиот факултет во Скопје, Трајко Славески и поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески.
Ангеловска Бежоска стапи на функцијата на 22 мај 2018 година. Функцијата гувернер на централната банка пред неа ја извршуваа Димитар Богов (2011-2018), Петар Гошев (2004-2011), Љубе Трпески (1997-2004) и Борко Станоевски (1986-1997).