Скандал кој се случил во време невреме- беше коментарот на уставниот судија Осман Кадриу. Претседателот на судот Дарко Костадиновски беше поблаг и одлуката на Управниот суд со која беше поништен собранискиот избор на уставната судијка Елизабета Дуковска поради непочитување на процедурите за избор во Судскиот совет – ја нарече правен преседан со големи правни импликации и предизвик за науката.
Дуковска не беше ниту на денешната седница на Уставниот која се одржа со 8 судии.
„Значи имаме ние бројни дилеми, значи веројатно и правната наука ќе има нешто да каже за овој преседан затоа и го крстивме “преседан“. Пресудата е правосилна, бидејќи во самата пресуда нема право на правен лек. Сега ова е мој личен став, од уставен аспект и тоа е проблематично, на некој начин тоа се оправдува, бидејќи одлуката се однесува на Собранието, поништена е одлука на Собрание, не е на судија“, изјави претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски.
„Овој скандал што настанал, вина треба да се бара помеѓу Судскиот совет што направи такви пропусти на кои се повикува управното судство, ако има такви пропусти во транспарентноста и процедурата, а управното судство зошто не решавало веднаш. Овие предмети, овие постапки по закон се од хитна природа. Судот треба итно да постапува, а не после две години“ вели Осман Кадриу, уставен судија.
Изненаден со одлуката на Управниот суд е и иницијаторот на тужбата за изборот во Судскиот Совет- професорот Денис Прешова, кој не очекувал управните судии да поништат именување изгласано во Собрание. Но, на крај потенцира дека сепак тоа се случило иако како и уставните судиии има дилеми кои ги нарече екстерни фактори.
„Искуството ни укажува дека, за жал, вакви преседани не се случуваат без влијание на некој екстерен фактор. Токму поради ова треба будно да се следи понатамошната пракса на управното судство и редовно да се потсетува на донесената пресуда бидејќи верувам дека ќе има наплив на слични предмети во иднина со оглед на постапувањето на Собранието и другите институции во последниот период. Единствено доколку преседанот се преточи во пракса тогаш ќе можеме да бидеме сигурни дека оваа пресуда не е резултат на некаков политички или друг вид на притисок и дека зад неа стои автентично уверување во нејзината исправност и желбата за правда“, напиша универзитетскиот професор Денис прешова.
И додека сите имаат дилеми раскажани со различни зборови, Уставниот суд тврди дека одлуките во чие донесување гласала и Дуковска се конечни според дефинициите на уставното право.
Правната наука треба да најде решение за преседанот, се надева Костадиновски којшто на прашањето на Телма дали сега може да се оспори изборот на сите преостанати судии- побара рационалност.
Дилемите траат, а разрешувањето на Дуковска веќе предизвика одложување на расправата за Законот за јазици и прашaње- кој ќе ги надополни платите кои Дуковска ги добила како уставен судија, по предлог на Судскиот Совет и со избор во Собранието.
Миомир Серафиновиќ