Многу струја, а малку потрошувачка ги зголеми напоните во 400-киловолтната преносна мрежа во целиот регион, што доведе до испад на трансформаторите од 400 на 110 киловолти. Тоа, според МЕПСО, е причината што поголем дел од Македонија од 5 до 6:30 часот утринава остана без струја.
На одредени места граѓаните немаа струја и после 7 часот. Од МЕПСО утринава соопштија дека екипите продолжуваат да работат на целосно нормализирање на стабилноста на електроенергетскиот систем.
Во државната преносна компанија велат дека проблемот се јавува во сите земји од регионот напролет и наесен, кога не се троши струја ни за ладење ни за греење.
„Станува збор за регионален и европски проблем со кој се соочуваат речиси сите преносни систем оператори поради нискиот транзит и конзум на електрична енергија во текот на ноќните часови и викендите во овој период од годината“, соопшти МЕПСО.
Во МЕПСО велат дека се координираат со преносните системи од земјите во регионот за да обезбедат стабилност на системот и оти реализираат нови инвестиции во тесна соработка со соседните преносни системи.
Професор Константин Димитров вели дека македонскиот преносен систем веројатно сакал да му помогне на друг систем кој имал потреба од повеќе струја, што е добро.
„Ако е висок напонот ќе намалат производство во термоцентралите или во хидроцентралите, а ако е низок напонот, односно има голема потрошувачка на енергија, ќе исклучат некој потрошувач. Сега се исклучени потрошувачи, што е чудно, не може да биде поради висок напон, според мене, туку има во мрежата големо оптоварување, претпоставувам поради голем пренос на енергија, дали од север кон југ или од југ кон север, односно од Бугарија и Србија кон Грција или обратно, то ест кон европскиот систем. За да се балансира е искористен и нашиот, така да кажеме, автопат. Тие излегле во пресрет“, вели професор Константин Димитров.
Просечната старост на електропреносната мрежа во Македонија е над 40 години и потребни се инвестиции во обнова и проширување.
Телма веќе објави дека за време на велигденските празници македонскиот преносен систем бил пред колапс поради вишок на струја, кој се јавил од производството на фотоцентралите во државава. Количините немало каде да се пласираат поради намалената потрошувачка, па донеле вонредна одлука да исклучат неколку соларни централи од мрежа за да не ја преоптоварат.
Во Македонија има 577 километри преносна мрежа на 400 киловолти, пет трансформаторски станици од 400 на 110 киловолти, и дополнителна преносна мрежа од 1.601 километри на 110 киловолти.
Срѓан Стојанчов